Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски ја продолжи вонредната состојба за уште 14 дена

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски по одржаната седница на Советот за безбедност ја продолжи за уште 14 дена вонредната состојба која беше прогласена на 18 март, а потоа два пати досега е продолжена

1418247
Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски ја продолжи вонредната состојба за уште 14 дена

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски прогласи нова вонредна состојба во траење од 14 дена поради кризата со коронавирусот (Ковид-19), а како причина за тоа го наведе спроведувањето на економско-социјалните мерки.

Денеска се одржа шестата седница на Советот за безбедност на која се дискутираше за текот на вонредната состојба која беше прогласена поради пандемијата на Ковид-19. По одржаната седница прес-конференција одржа претседателот Пендаровски.

Тој информираше дека на денешната седница го разгледале извештајот кој Владата го доставила за спроведување на вонредната состојба поради пандемијата прогласена вториот пат на 17 април. Пендаровски рече дека на седницата премиерот Спасовски реферираше за изминатите 30 дена и го образложи предлогот на Владата за повторно прогласување на вонредната состојба за 30 дена.

„По широките консултации во изминатите денови, и денеска ги имав со експерти од повеќе области и со советниците во кабинетот, а врз основа пред се на кажаното и предложеното на седницата одлучив да прогласам нова вонредна состојба во траење од само 14 дена, наместо бараните 30. Со оглед на позитивните трендови на смирување на состојбата на пандемијата сметам дека 14 денови се доволни", истакна Пендаровски и додаде:

„Причина за ваквата одлука е потребата од имплементирање на економско-социјалните мерки за ублажување на последиците од пандемијата кои веќе сега се чувствуваат како резултат на фкатот што огромен број фирми не работеа и сеуште не работат. "

Пендаровски истакна дека Советот за безбедност заклучи дека надлежните институции работат координирано со сите капацитети и ресурси за справување со пандемијата.

„Ситуацијата е подобрена во споредба со изминатиот период. Евидентно е дека стратегијата за справување со корона кризата дава резултати што укажува дека како држава добро се справуваме со овој  огромен предизвик", рече Пендаровски.

Присутни на седницата на Советот за безбедност на Република Северна Македонија беа претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, министерот надворешни работи Никола Димитров, универзитетските професори Трајан Гоцевски, Ветон Љатифи и Ненад Марковиќ, а присутен беше и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџоски, на покана на претседателот на државата.

Потсетуваме, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба на 18 март оваа година, на барање на Владата, со цел борба против ширењето на коронавирусот (Ковид-19). Месец дена подоцна, Пендаровски прогласи нови 30 дена вонредна состојба, а денеска е прогласена вонредната состојба  за уште 14 дена.

Како мерка во борбата против Ковид-19 на целата територија на земјата е воведен полициски час во траење од 19 до 05 часот.

Според последните податоци од Министерството за здравство на Северна Македонија, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти од Ковид-19 во земјата изнесува 1740, починати се 97 лица, а оздравени се 1251 лице. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести