Северна Македонија: Отворени џамиите по двомесечен прекин поради Ковид-19

Ријасетот на Исламската верска заедница (ИВЗ) со цел заштита на здравјето на луѓето, како и спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид 19), донесе одредени мерки што треба да се спроведуваат во секоја џамија

1416458
Северна Македонија: Отворени џамиите по двомесечен прекин поради Ковид-19

Џамиите во Северна Македонија се отворени денес за колективно извршување на молитвите, откако два месеца беа затворени како мерка против ширењето на коронавирусот (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).

Отворањето на џамиите следуваше врз основа на одлуката на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија. Во соопштението за медиумите објавено на 8 мај, ИВЗ истакна дека внимателно ги следи „подобрувањето на здравствената состојба“ и „намалувањето на бројот на заразени“ од коронавирусот во земјата, по што одлучила да ги отвори џамиите за верниците.

Ријасетот на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Република Северна Македонија по повод отворањето на џамиите и со цел заштита на здравјето на луѓето, како и спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид 19), донесе одредени мерки што треба да се спроведуваат во секоја џамија. Меѓу заштитните мерки се дезинфекција на џамиите, задолжително носење маска, чистење на рацете со средство за дезинфекција при влезот во џамијата или да се носи ракавици, и секој верник треба да има лично сеџаде (простирка за намаз).

Некои од заштитните мерки што ги соопшти ИВЗ се и што повеќе да се користат дворовите на џамиите за извршување намаз, потоа држење физичка дистанца меѓу верниците колку што е можно повеќе, а забранет е престој во групи пред или по извршување на молитвите во џамија. Меѓу соопштените заштитни мерки е и верските предавања да не траат подолго од 10 минути, абдестот да се зема од дома, и џамиските простории за земање абдест и тоалетите да бидат затворени.

Како заштитна мерка соопштена од ИВЗ е и максимално избегнување на поздравите со физички контакт.

Претседателот на Управниот одбор на џамијата „Мустафа-паша“ во Скопје, Селаедин Мани, во изјава за АА, по пладневната молитва во џамијата, го честиташе месецот на постот Рамазан и истакна дека овој Рамазан не е толку радосен како поранешните.

„Мораме да ги почитуваме овие правила. Како што можете да видите, оддалеченоста, дезинфекцирањето беа меѓу преземените мерки денес“, рече тој.

Следејќи ги препораките на релевантните институции за заштита на јавното здравје, на 17 март ИВЗ одлучи да ги прекине молитвите во џамиите за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Инаку, вонредната состојба на територијата на целата држава трае речиси два месеца, а полицискиот час е во период од 19 до 5 часот.

Во тој контекст, само пладневните и попладневните (икиндија намаз) молитви и петочните молитви (џума намаз) можат да се извршуваат во џамиите.

Според најновите податоци на Министерството за здравство во Северна Македонија, досега се регистрирани 1.674 случаи на Ковид-19, бројката на смртните случаи е 92, додека 1.205 лица се оздравени од овој вирус. Во земјата сè уште има 377 активни случаи на Ковид-19.



Слични вести