Премиерот Спасовски и членовите на Владата во домашна изолација

Премиерот Оливер Спасовски и други членови на Владата на Северна Македонија присуствувале на вчерашниот состанок на Кризниот штаб на Куманово, каде што беше присутен и градоначалникот Димитриевски, кој е позитивен на Ковид-19

1399642
Премиерот Спасовски и членовите на Владата во домашна изолација

Премиерот на Северна Македонија, Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми и државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, се во домашна изолација откако имале контакт со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој денес информираше дека е позитивен на новиот тип коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (AA).

Владата на Северна Македонија преку соопштение информира дека сите наведени членови на Владата присуствувале на вчерашниот состанок на Кризниот штаб на Куманово, каде што беше присутен и градоначалникот Димитриевски.

„На состанокот во Куманово сите функционери во Владата ги почитуваа протоколите за заштита и носеа заштитна опрема. Во овој момент се прават епидемиолошки проценки во Куманово од страна на локалниот Центар за јавно здравје и се анализираат контактите на градоначалникот Димитриевски. Во текот на денот ќе се утврди колку и кои лица ќе треба да останат во 14-дневна изолација“, стои во соопштението.

Од Владата информираат дека во Скопје започнаа анкетите од Институтот за јавно здравје со сите членови во Владата кои беа присутни на состанокот, по што ќе биде дадена епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување.

„Владата на Република Северна Македонија беше подготвена за сите сценарија, вклучително и за ваква ситуација. Работата на Владата продолжува да се одвива непречено преку дигиталните алатки за комуникација и за одржување состаноци. И во услови на изолација продолжува редовната комуникација и координацијата на сите процеси во државата и управувањето со кризата со коронавирусот“, стои во соопштението.

И министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, преку својата официјална фејсбук-страница потврди дека е во домашна изолација, но истакна дека како и досега, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а прес-конференциите ќе се спроведуваат преку достапните онлајн платформи за оваа намена.



Слични вести