Во Северна Македонија бројот на смртните случаи од Ковид-19 се зголеми на 10 лица, а на заразените на 354

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека во последните 24 часа е регистриран еден нов смртен случај од Ковид-19 и вкупниот број на починати се покачи на 10, а со 25 нови заразени лица вкупниот број на потврдени случаи достигна до 354

1389441
Во Северна Македонија бројот на смртните случаи од Ковид-19 се зголеми на 10 лица, а на заразените на 354

Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче, на редовната прес-конференција рече дека во последните 24 часа е регистриран еден нов смртен случај од Ковид-19 во земјата, со што вкупниот број починати се покачи на 10.

„За жал, имаме уште еден смртен случај. Тоа е пациентка на 65-годишна возраст со бројни претходни заболувања на белите дробови, зголемен крвен притисок, дијабет, хронична болест на срцето“, изјави Филипче.

Министерот за здравство исто така информира дека вкупно 59 пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Тој истакна дека од хоспитализираните пациенти, 12 се во потешка состојба, од кои 5 пациенти се сместени на апарати за дишење.

Министерот Филипче нагласи дека се дијагностицирани 25 нови заразени лица, со што вкупниот број потврдени случаи достигна 354.

„Во изминатите 24 часа се регистрирани 25 нови случаи на пациенти со коронавирусот во нашата земја. По градови, во Скопје 7, во Куманово 7, во Прилеп 2, во Тетово 5, во Струга 2, во Гевгелија 1 и во Кочани, 1 пациент. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја изнесува 354“, рече Филипче.

Тој исто така рече дека вкупниот број спроведени тестови за Ковид-19 во Северна Македонија е 3.775.

Филипче исто така информира дека позитивен бил тестот за Ковид-19 и кај пациентка која починала во струшката болница, на која ѝ било земено брис откако починала, додавајќи дека се очекуваат резултати од сличен случај во Битола.

Потсетуваме, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата воведен е полициски час од 21:00 до 05:00 часот. Исто така, во деновите на викендот, во сабота и недела, забрането е движење на населението од 16:00 часот до 05:00 часот наутро.

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот. (Агенција Анадолија-AA)



Слични вести