Во Северна Македонија е потврден четвртиот смртен случај од Ковид-19, а се заболени 241 лице

Во Северна Македонија е потврден 4-от смртен случај од новиот тип коронавирус (Ковид-19), додека вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска до 12:00 часот изнесува 241 лице

1386816
Во Северна Македонија е потврден четвртиот смртен случај од Ковид-19, а се заболени 241 лице

Министерството за здравство на Република Северна Македонија го потврди 4-от смртен случај од последиците на коронавирусот (Ковид-19).

„Утрово почина една пациентка на 66-годишна возраст од околината на Струга. Таа и нејзиниот сопруг се дијагностицирани позитивни на коронавирус во текот на вчерашниот ден. Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Исто така, Министерството за здравство информира дека се регистрирани 22 нови случаја на коронавирус во земјата. По градови: Скопје (9), Куманово (3), Струга (3), Тетово (2), Дебар (2), Прилеп (2), Битола (1). Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска до 12:00 часот изнесува 241 лице.

„Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во: Скопје - 143, Дебар - 45 од кои 2 починати, Куманово - 20 од кои 1 починат, Штип - 8, Прилеп - 8, Тетово - 4, Охрид - 3, Велес - 3, Струга - 3 од кои 1 починат, Кавадарци - 2, Гостивар - 1, Битола – 1“, се вели во соопштението.

Од Министерството за здравство информираат дека во текот на вчерашниот ден направено е тестирање на персоналот на Клиниката за кардиологија и сите тестови се негативни на Ковид-19.

Потсетуваме, од 22 март, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата воведен е полициски час од 21 до 5 часот.

Исто така, Владата на Северна Македонија донесе одлука за измени и дополнувања на забраната за движење на целата територија на Република Северна Македонија за време на деновите на викендите. Одлуката се однесува на забрана за движење во деновите на викендот, односно сабота и недела, од 16:00 часот до 05:00 часот наутро.

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести