Во Северна Македонија потврден првиот смртен случај од Ковид-19, а 114 се заразени со вирусот

„За жал го имаме и првиот смртен случај од коронавирусот кој посмртно во Куманово беше дијагностициран доцна синоќа. Се работи за жена којашто имала 57 години“, истакна министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче

1382880
Во Северна Македонија потврден првиот смртен случај од Ковид-19, а 114 се заразени со вирусот

Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче, го потврди првиот смртен случај како последица на коронавирусот (Ковид-19) во Северна Македонија.

„За жал го имаме и првиот смртен случај од коронавирусот кој посмртно во Куманово беше дијагностициран доцна синоќа. Се работи за жена којашто имала 57 години“, истакна Филипче на прес-конференцијата во Владата на Северна Македонија.

„Во однос на приемот и третманот колегите постапиле согласно протоколот за изолација. Навремено се земени два теста. И двата теста иницијални покажале негативен резултат, но и покрај негативните резултати поради тоа што болеста била типична за коронавирусот таа била третирана во изолација. Тој период на хоспитализација траел изминатата недела во Општата болница во Куманово, а брис е повторно земен по констатација на смртта вчеравечер и тој бил позитивен“, информираше Филипче.

Министерот за здравство на Северна Македонија информираше дека во изминатите 24 часа регистрирани се 29 нови случаи во државата. Со оваа бројка, бројот на новодијагностицирани пациенти до 12 часот изнесува 114.

Како што информираше Филипче, според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во: Скопје (65), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1) и Куманово (1).

Во своето обраќање министерот Филипче апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.

„Сите овие мерки ги носиме и апелираме да се почитуваат, тоа е целта. Имаме зголемување на бројот на случаи и тоа е очекувано, ќе се зголемува и понатаму. Мораме да ги почитуваме сите овие мерки за да ја спласнеме кривата на раст на заболени од коронавирусот. Тоа се случува насекаде на светот. Само таму каде што се почитуваат мерките имаме соодветен резултат. Јас сум сигурен и верувам дека овие мерки кои ги донесовме на седница на Владата ќе дадат резултат“, порача Филипче.

Од денеска, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата се воведува полициски час од 21 до 6 часот.

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести