Никола Димитров: Околу 2.300 македонски граѓани се затекнати и заглавени во странство

Министерот за надворешни работи Никола Димитров информира дека околу 2.300 македонски граѓани се наоѓаат надвор од земјата и дека ќе бидат донесени во земјата, но тие ќе мораат да бидат во задолжителен карантин во траење од минимум 15 дена

1382552
Никола Димитров: Околу 2.300 македонски граѓани се затекнати и заглавени во странство

Околу 2.300 македонски граѓани се наоѓаат надвор од границите на Северна Македонија, а Министерството за надворешни работи (МНР) ќе организира хуманитарни летови за да ги донесе во земјата, но лицата ќе мораат да бидат во задолжителен карантин во траење од минимум 15 дена.

Информацијата ја соопшти министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров на денешната прес-конференција на која информираше за целокупната состојба поврзана со проблемите со кои се соочуваат македонските граѓани затекнати во други држави.

„Пред неколку дена МНР упати еден јавен повик, апел до нашите граѓани до нашите државјани коишто се затечени меѓу граници, на аеродроми коишто се затвораат или се откажуваат летови и на коишто им треба помош, поддршка од државата за да си дојдат дома. Направивме еден пресек, бројката варира, дел од луѓето успеваат можеби во меѓувреме се зголемува исто така евиденцијата. Значи зборуваме за бројка од некаде околу 2300 македонски граѓани низ целиот свет. Основната концентрација е на нашиот континент во европските држави“, рече Димитров.

Тој информираше дека на вечерната владина седница се разговарало за ова прашање и Владата донела одлуки и заклучоци, според кои МНР, во соработка со Министерството за транспорт и врски ќе организира хуманитарни летови за да ги донесе граѓаните во земјата.

„Истовремено се формираше едно тело коешто ќе организира задолжителен државен карантин и ќе го зголеми капацитетот на задолжителниот државен карантин", рече Димитров и појасни:

„Владата одлучи сите граѓани што ќе дојдат во поголеми групи со хуманитарните летови ќе бидат во задолжителен државен карантин во траење од минимум 15 дена, за да истовремено покрај државниот интерес да им се помогне на овие граѓани да си дојдат дома, да се заштити и другиот државен интерес и здравјето на народот, на населението што си е веќе во татковината. Тоа е суштината на овие одлуки.“

Исто така, Димитров извести и дека се обиделе во соработка со Црна Гора да донесат група државјани на Северна Македонија од Истанбул, но тие граѓани не сакале да ја искористат таа можност.

„Вчера во договор со пријателска Црна Гора имавме еден обид да донесеме една група наши граѓани коишто беа во Истанбул и да ги качиме на хумантарниот лет организиран од Владата на Црна Гора. Штом ги информиравме сите поединечно, дека ќе бидат во задолжителен карантин, ниту еден не сакаше да ја искористи оваа можност", изјави Димитров.

Министерот Димитров упати апел до граѓаните на кои им треба помош за нивно враќање во земјата:

„Јас ги повикувам сите граѓани коишто се немаат пријавено на емаил адресите и телефоните на дипломатско- конзуларни претставништва на Северна Македонија во земјите каде што се наоѓаат или доколку таму немаме претставништво, тогаш во најблиското во соседната земја или во земјата од регионот. Тоа да го направат до утре недела (22 март) до 18 часот."

Потсетуваме, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување со борбата против ширењето на коронавирусот.

Според податоците на Министерот за здравство на Северна Македонија, вкупната бројка на досега дијагностицирани пациенти во земјата изнесува 85. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести