Никола Димитров: Ковид-19 не познава граници, нè напаѓа сите подеднакво во Европа

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров и државниот министер за Европа на Германија Михаел Рот кој поради ситуацијата со коронавирусот оствари „виртуелна работна посета“ на Северна Македонија, одржаа видео прес конференција

1381517
Никола Димитров: Ковид-19 не познава граници, нè напаѓа сите подеднакво во Европа

Државниот министер за Европа на Германија Михаел Рот, поради ситуацијата со коронавирусот оствари „виртуелна работна посета“ на Република Северна Македонија, при што заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров одржаа видео прес конференција.

Коментирајќи ја необичната ситуација, министерот Димитров рече дека светскиот поредок од една речиси тотална глобализација во период од неколку дена отишол децении наназад, додавајќи дека било планирана посетата на министерот Рот да се фокусира на европските аспирации на Северна Македонија.

„Во овие тешки моменти, со Михаел сакавме да демонстрираме пошироко европско заедништво и солидарност. Како и претходно со примерот на мигрантската криза, така и сега очигледно е дека Ковид-19 не познава граници, нема национална припадност и нè напаѓа сите подеднакво во Европа“, рече Димитров.

Тој ја повика Европската Унија (ЕУ) да ја разгледа можноста да им помогне на земјите од Западен Балкан да ги ублажат социо-економските последици од коронавирусот, вклучително и можноста за пренамена на ИПА-фондовите, потенцирајќи дека „е време да покажеме европска солидарност“.

Зборувајќи за евроинтеграцискиот процес на земјата, Димитров му се заблагодари на германскиот министер и рече дека напорите на Северна Македонија и земјите од ЕУ треба да бидат обележани со „заеднички успех“.

„Посебна привилегија е да се добие една ваква поддршка од Германија, докажан и голем пријател на нашата земја и голем поддржувач на нашите европски перспективи“, рече Димитров.

Првично посакувајќи здравје, германскиот министер Михаел Рот истакна дека сега сите се должни да бидат солидарни и да дејствуваат заедно, додавајќи дека и земјите како Германија се соочуваат со голем предизвик.

„Ние треба да ја зголемиме нашата техничка поддршка. Тоа е целосна одговорност на Европската Унија и кон земјите од Западен Балкан. Со ова не сакам да се извинам, туку да објаснам дека се разбира и кај нас делумно има недостатоци на одредена техничка опрема“, рече Рот.

Зборувајќи за можноста да се добие датум за почеток на преговорите, Рот рече дека Северна Македонија презела храбри чекори со промената на името на државата и истакна дека е многу важно ЕУ да го одржи ветувањето.

Тој, исто така, истакна дека поради ситуацијата со коронавирусот се залага следната недела Советот за општи работи на ЕУ да одржи виртуелен состанок и рече оти е оптимист дека ќе биде донесена одлука за започнување преговори со Северна Македонија и Албанија.

Потсетуваме дека поради противењето на Франција не беше постигнат договор на Самитот на лидерите на ЕУ минатиот октомври за да отпочнат преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија. (Агенција Анадолија-AA)



Слични вести