Претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба во земјата поради коронавирусот

Откако премиерот Оливер Спасовски изјави дека Владата одлучила да предложи вонредна состојба за борба против ширењето на коронавирусот, претседателот Стево Пендаровски донесе одлука за воведување вонредна состојба на територијата на целата држава

1380779
Претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба во земјата поради коронавирусот

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски донесе одлука за воведување вонредна состојба на целата територија на државата.

Вонредната состојба е прогласена по предлог на Владата поради справување со ситуацијата со коронавирусот. Имајќи предвид дека Собранието кое е распуштено не може да се собере и да донесе одлука, собранискиот спикер Талат Џафери предлогот го проследи до претседателот на државата.

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски кажа дека состојбата во следните денови би можела да биде тешка, па затоа е важно ситеграѓани да бидат сплотени и сите да се придржуваат до владините мерки и препораки, а особено е значајно да им се помогне на постарите лица и оние со хронични заболувања.

Во однос на дијаспората, претседателот Пендаровски порача дека е најдобро секој да остане во земјата во која што е, но доколку одлучат да дојдат дома мора да ги почитуваат мерките, како и можноста да бидат сместени во карантин.

Тој им се заблагодари на сите вклучени во заштитата против коронавирусот.

Ова е првпат во историјата на државата да биде пред прогласена вонредна состојба.

Инаку, претходно премиерот на Република Северна Македонија Оливер Спасовски на прес-конференција по одржаната владина седница изјави дека Владата одлучила да предложи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел борбата против ширењето на коронавирусот (Ковид-19).

„Ова е вонредна ситуација и затоа е потребна и вонредна состојба. Владата на Република Северна Македонија веќе нема ниту најмала дилема. Затоа, на денешната седница донесовме одлука да предложиме вовдување вонредна состојба на територијата на целата наша држава. Сега и веднаш. Мерките што досега се носеа ги дадоа очекуваните резултати, но тие мерки сега е неопходно да се надполнат, да се заострат, да ги радикализираме со воведување вонредна состојба за да спречиме колку што е можно уште поголем пик на коронавирусот и тоа во кратко време", рече Спасовски.

Тој изјави дека заканата од масовно ширње на вирусот бара радикални мерки.

„Затоа денеска владата одржа седница и донесе одлука да му предложи на Собранието на Република Северна Македонија да прогласи вонредна состојба. Упатуваме апел да се свика да ја донесе оваа одлука. Собранието е распуштено но постои уставна одредба дека претседателот на Република Северна има овластување да прогласи вонредна состоба од траење од 30 дена. Уставна и правна основа постои само треба силна волја, висока одговорност на сите политички субјекти да ја прифатат оваа реланост и да овозможат и институционална рамка на функционална вонредна состојба", истакна Спасовски.

„Ова ќе биде за прв пат да се воведе ваква мерка во историјата на нашата држава и оваа мерка е една најтешките одлуки коишто ги донела било која влада од постоењето од 90-та година до денеска", додаде Спасовски и упати апел до граѓаните:

„Почитувани граѓани, ништо веќе не е исто, животот радикално се промени како кај нас така и во целиот свет. Потребно е секој од нас да се прилагоди на вонредноста и да преземе крајно одговорно однесување. Секој еден граѓанин и секој еден субјект е повикан во оваа битка. Ако сакаме да си ја заштитиме нацијата сите мораме да се однесуваме и вонредно и одговорно."

Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека денешната бројка на заболени со коронавирус во земјата е 35. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести