Пендаровски: Одлуката за прогласување вонредна состојба ја донесов за заштита од ширењето на вирусот Ковид-19

„Одлуката за прогласување вонредна состојба ја донесов заради заштита и справување од последиците на ширењето на вирусот Ковид-19. Вонредната состојба ќе трае 30 дена“ - изјави

1380794
Пендаровски: Одлуката за прогласување вонредна состојба ја донесов за заштита од ширењето на вирусот Ковид-19
Kuzey Makedonya OHAL.jpg
Kuzey Makedonya Kovid-19 OHAL İlan Edildi.jpg

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел борба против ширењето на коронавирусот (Ковид-19).

Во обраќањето до јавноста, претседателот Пендаровски истакна дека неговата одлука се базира врз Уставот кој пропишува ваква можност, доколку Собранието не може да се состане.

„Одлуката за прогласување вонредна состојба ја донесов заради заштита и справување од последиците на ширењето на вирусот Ковид-19. Вонредната состојба ќе трае 30 дена и оној момент кога Собранието ќе биде во можност да се состане ќе биде поднесена на потврдување“, рече Пендаровски. 

Тој истакна дека пред истекот на овие 30 дена очекува Владата да му поднесе детален извештај за ефектите од дотогаш преземените мерки, и образложен предлог за евентуално продолжување на вонредната состојба за дополнителни 30 дена.

„Фактот што за првпат од нашата независност прогласуваме вонредна состојба укажува колку е сложена ситацијата во која се наоѓаме, и колку е голем ризикот за сите нас. Од денес, извршната власт ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресурси на државата, повторувам, сите, и државни и приватни, за поуспешно да се справиме со епидемијата“, рече Пендаровски во обраќањето до јавноста.

„Во вонредна состојба Владата ќе може да носи уредби со законска сила со цел да воведе поголеми ограничувања во движењето на луѓето и особоено да обезбеди поголеми средства за поддршка на економијата, која влегува во исклучително кризен период. Епидемијата значително ги оптовари ресурсите на државата. И веќе во овој момент штетите за фирмите кои не работат се огромни. Тука Владата мора да понуди значителна помош и поддршка“, истакна претседателот на Северна Македонија.

„Почитувани, како држава и како граѓани нè очекуват тешки денови. Но, јас како претседател немам никакви дилеми во исправноста на одлуките кои ги носам, очекувам дека и Владата во престојниот период ќе биде во висина на задачата. Со оглед на зголемените овластувања, очекувам Владата, надлежните минситерства, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и сите инволвирани институции дневно да информираат за сите активности кои ги преземаат, како и за ажурните планови за своето постапување во иднина“, додаде Пендаровски.

Тој рече дека лидерите на најголемите политички партии, и на власт и во опозиција, даваат поддршка за прогласување на вонредната состојба. 

Според претседателот Пендаровски, Владата ќе продолжи да функционира како техничка во која учествуваат и власта и опозиијата, што, како што рече, е можност на дело да се покаже грижата за заштита на здравјето на луѓето и заштита на државата, без да се грижат за својот политички рејтинг.

„Во оваа ситуација ќе бидат одложени изборите закажани за 12 април, а парламентарните избори ќе бидат закажани дури кога ќе се создадат услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните. Сите анализи, дебати и калкукации за добивање гласови или за пратенички мандати сега треба да ги оставиме настрана затоа што се безвредни во однос на најскапоценото - заштитата на животот на нашите граѓани", потенцираше Пендаровски.

Тој упати апел до сите граѓани на Северна Македонија.

„Во деновите пред нас бидете дисциплинирани и одговорни пред себеси, пред своите најблиски, особоено бидете одговорни и помагајте им на нашите повозрасни граѓани и граѓаните со хронични заболувања. Не излегувајте оддома без позначајна потреба. Следете ги информациите од надлежните органи и институции и доследно почитувајте ги нивните препораки", апелираше Пендаровски.

Тој упати благодарност до сите ангажирани здравствени работници, полицајци, војници и волнотери, кои, како што рече, вложуваат натчовечки напори да им помогнат на граѓаните погодени од болеста.

Меѓу другото, упати и порака за сите граѓани на Северна Македонија кои престојуват надвор од земјата.

„Најпаметно е да останете во земјата во која сте додека трае оваа состојба согласно препораките на Светската здравствена организација. Доколку решите да дојдете дома, добредојдени сте, а тоа значи и можноста да бидете сместени во карантин. Апелирам до сите граѓани на нашата заедничка и единствена татковина да бидеме смирени, да бидеме одговорни и да бидеме солидарни еден кон друг. Ако си помагаме, ако се држиме заедно, сигурно ќе ја пребродиме оваа тешка ситуација како многупати досега во нашата историја“, порача Пендаровски во обраќањето до јавноста.

Потсетуваме, премиерот на Северна Македонија Оливер Спасовски, денес соопшти дека Владата одлучила да предложи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел борба против ширењето на коронавирусот (Ковид-19). Предлогот на Владата беше проследен до Собранието, а претседателот на Собранието на Северна Македонија предлогот го проследи до претседателот на државата Стево Пендаровски.

Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека вкупната бројка на заболени со коронавирус во земјата е 35. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести