Оливер Спасовски: Република Северна Македонија е 30-та членка на НАТО

Премиерот Оливер Спасовски истакна дека состојбата со коронавирусот „Ковид-19“ е сериозна, но рече дека ова нема да ги запре важните процеси коишто се стратешки цели на Северна Македонија

1380796
Оливер Спасовски: Република Северна Македонија е 30-та членка на НАТО

Премиер на техничката влада на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, придружуван од вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, одржаа прес-конференција по повод членството на Северна Македонија во НАТО.

Истакнувајќи ја сериозната состојба со коронавирусот „Ковид-19“, премиерот Спасовски рече дека ова нема да ги запре важните процеси што се стратешки цели на Северна Македонија.

„Сите наши партнери и сојузници, сите 29 земји членки на НАТО и формално ја прифатија Република Северна Македонија за 30-та земја членка. Вчера Сенатот на Кралството Шпанија, само за оваа причина, за прв пат во својата историја, гласаше електронски преку видео конференција и го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО“, рече Спасовски. 

Тој рече дека и покрај тешката состојба со коронавирусот, овој чин заслужува честитки и признанија до сите државници од осамостојувањето на земјата.

Спасовски рече дека шпанскиот документ за ратификација ќе биде доставен до Стејт департментот на САД, по што Северна Македонија ќе го депонира и својот ратификуван документ со кој официјално ќе „се запечати нашето полноправно членство во алијансата на НАТО“.

„Република Северна Македонија е 30-та членка на НАТО. Почитувани граѓани на Северна Македонија, денеска со полно право можете да бидете горди", рече премиерот Спасовски.

Вицепремиерката Шекеринска им честиташе и на припадниците на војската на земјата, велејќи дека за да стане 30-та членка на алијансата на НАТО, Северна Македонија донесе многу тешки одлуки.

Вицепремиерот Османи рече дека покрај членството во НАТО, Северна Македонија е пред одлуката за започнување преговори со ЕУ, со што според него, ќе се постават темелите за стабилна, предвидлива и просперитетна иднина.

Министерот Димитров истакна дека заокружувањето на процесот на ратификација што започна со Грција и заврши со Шпанија, значи поголема безбедност, стабилност и просперитет на земјата и граѓаните. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести