Стево Пендаровски: Во моментов нема потреба од прогласување вонредна или кризна состојба на целата територија

„Општ беше заклучокот дека не е потребно да избрзуваме со голо декларирање на евентуално повисоко ниво на некои состојби, како што е на пример вонредната состојба или кризната состојба на целата територија", истакна Пендаровски

1379334
Стево Пендаровски: Во моментов нема потреба од прогласување вонредна или кризна состојба на целата територија

Советот за безбедност проценил дека во моментов нема потреба да се прогласува вонредна или кризна состојба на целата територија на државата, заради справување со коронавирусот, истакна претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски по вечерашната седница на Советот за безбедност.

Во Кабинетот на Претседателот се одржa седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија на која покрај постојаните членови на Советот, присуствуваа и министерот за здравство Венко Филипче и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

„Едногласен заклучок на сите членови на Советот е дека посебно признание треба да им се оддаде на граѓаните на општините Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба, кои максимално доследно, коректно, без остаток, ги применуваат сите препораки, сите мерки кои се на сила во тие две општини поради прогласената кризна состојба. Постои максимална и целосна мобилизација на целокупниот здравствен кадар", изјави претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност.

„Советот за безбедност проценил дека во моментов нема потреба да се прогласува вонредна или кризна состојба на целата територија на државата, заради справување со коронавирусот", рече Пендаровски.

„Заклучокот на Советот за безбедност во однос на целокупната ситуација и во однос на она што министерот за здравство го изнесе како можна проценка за евентуално ширење на болеста понатаму на наша територија, е дека поставеноста на државата во овој момент е соодветна, адекватна на ризиците на коишто сме изложени, за што впрочем зборуваат проценките, оценките и коментарите на Светската здравствена организација, кои до ден денешен тврдат дека ние сме сигурно државата во целиот поширок регион која најдобро, најдоследно ги имплементира мерките кои се наложени од Светската здравствена организација", истакна Пендаровски и додаде:

„Заклучокот на Советот е, ако има потреба, а според вечерашните проценки за тоа нема потреба, можеме да препорачаме како Совет за безбедност, на Владата да прогласи кризна состојба и во други општини, освен во овие две."

„Општ беше заклучокот дека не е потребно да избрзуваме со голо декларирање на евентуално повисоко ниво на некои состојби, како што е на пример вонредната состојба или кризната состојба на целата територија, затоа што, реков, во овој момент, според сите проценки на надлежниот ресор и министер, опасност дека такво нешто може да се случи не постои или ако поинаку се поставиме со некоја таква новопрогласена правна состојба, не значи дека ќе превенираме ситуација до која не би сакале да дојде“, информираше претседателот Пендаровски. 

„Јасно е дека кризата ќе трае, а ние мораме ресурсите кои ги имаме да ги димензионираме спрема реалните потреби и спрема реалните ризици", смета Пендаровски.

По тој повод, претседателот на Северна Македонија упати апел до граѓаните во име на Советот за безбедност „да ги почитуваат стриктно сите мерки, затоа што тоа е најдобриот начин да се спречи ширењето на болеста, на епидемијата“.

Исто така, тој упати и порака до сите граѓани без потреба да не патуваат надвор, особено во земји кои се високо, умерено или средно ризични.

Меѓу другото, претседателот Пендаровски упати апел до државјаните на Северна Македонија кои работат во другите европски држави или во другите држави во светот, а над 150 се зафатени со овој вирус досега, без голема потреба да не се враќаат во својата земја. 

„Тие имаат право да го сторат тоа, меѓутоа поради ситуацијата, секој трансфер преку неколку граници, преку неколку територии, може да ги донесе до ситуација да бидат во контакт со лица кои се заразени", рече Пендаровски.

На крајот од обраќањето до јавноста, претседателот Пендаровски рече дека сите надлежни институции деноноќно ја мониторираат состојбата на терен и реагираат брзо и навремено, а Советот за безбедност постојано ќе ја следи состојбата.

Потсетуваме, во Северна Македонија досега е потврден коронавирус кај 19 лица, од кои првата заразена пациентка со вирусот веќе е излекувана. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести