Спасовски: Со максимална одговорност, организираност и дисциплинираност ќе ја надминеме оваа состојба за пократко време

Премиерот на Северна Македонија Оливер Спасовски одржа прес-конференција на која информираше за состојбата во општините Дебар и Центар Жупа по воведувањето на мерката кризна состојба во тој регион

1378236
Спасовски: Со максимална одговорност, организираност и дисциплинираност ќе ја надминеме оваа состојба за пократко време

Премиерот на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, одржа прес-конференција на која информираше за состојбата во општините Дебар и Центар Жупа по воведувањето на мерката кризна состојба во тој регион, при што истакна дека првата ноќ минала мирно без никакви инциденти или движење на населението.

„Сите граѓани на Република Северна Македонија денеска се со мислите и срцата со граѓаните на општините Дебар и Центар Жупа. Подготвени се сите потребни активности за да обезбедиме и спроведеме ефикасни мерки за справување со ситуацијата и со ширењето на коронавирусот“, изјави премиерот Спасовски.

Тој информираше дека сите институции и нивните припадници кои се стручни за организирање и спроведување на сите неопходни акции и мерки од Акциониот план за оперативна имплементација на Одлуката за постоење на кризна состојба се на терен.

„Првата ноќ минала мирно без никакви инциденти или движење на населението. Таква е ситуацијата и во претпладневните часови денеска, и тоа е добро. Најважно е сега граѓаните на двете општини на таков начин да го дадат својот придонес за справување на сите мерки што ги предвидува кризната состојба.“

Формиран е Главен оперативен штаб за управување со кризи како стручно тело кое раководи со активностите од Акциониот план со единствена цел - справување со ширењето на коронавирусот со преземање соодветни мерки и активности за здравјето и безбедноста за граѓаните на територијата каде што е прогласена кризна состојба.

За остварување на овие цели се задолжени повеќе министерства и институции на централно и на локално ниво.

Премиерот Спасовски рече дека се утврдени и ќе бидат спроведени и многу други мерки и активности за справување и за зајакнување на мерките за здравствена заштита и претпазливост од пренесување на вирусот по респираторен пат со задолжително користење лична заштитна опрема.

„Најважно е почитување на мерките донесени од Владата на Република Северна Македонија поврзани со забрана на собири, домашна изолација на контакти со иницирани и заболени лица, како и сите други препораки“, порача Спасовски и додаде:

„Во Дебар, Центар Жупа и сите населени места ќе се обезбедат сите безбедносни услови за да функционираат производствените капацитети за храна, бензиските пумпи, аптеки, болници. Банките, комуналните служби и пошта да работат по скратено работно време.“

Премиерот Спасовски апелираше дека е најважно граѓаните да се придржуваат на препораките и на мерките за заштита и спречување на ширењето на вирусот.

„Со постигнување на степен на најодговорно однесување на сите граѓани, на секој посебно и сите заедно, со неопходното ниво на максимална лична одговорност, организираност и дисциплинираност ќе ја надминеме оваа состојба ефикасно, успешно и за пократко време“, потенцираше премиерот Спасовски.

Во Северна Македонија бројот на лица кај кои е потврден коронавирусот (Ковид-19) изнесува 13, од кои една пациентка е излекувана. За последните четири случаи кај кои е потврден коронавирусот вчера информираше министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче. Тој рече дека се работи за лица од Дебар.

Владата вчера донесе одлука за воведување кризна состојба во Дебар и Центар Жупа, а претседателот на државата, Стево Пендаровски, донесе одлука за ангажирање на Армијата за поддршка на локалната самоуправа во Дебар и Центар Жупа и поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи (МВР) во обезбедување на дел од државната граница со Република Албанија на територијата на Општина Дебар.

Времетраењето на активноста и ангажирањето на силите и капацитетите на Армијата ќе биде од 13.3.2020 до 11.4.2020 година. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести