Претседателот Стево Пендаровски донесе одлука за ангажирање на Армијата во Дебар и Центар Жупа

„Единиците на Армијата ќе ги координираат своите активности и ќе соработуваат со локалната самоуправа во Дебар и Центар Жупа, полицијата, Центарот за управување со кризи и останатите институции на државата вклучени во справувањето со кризната состојба"

1377970
Претседателот Стево Пендаровски донесе одлука за ангажирање на Армијата во Дебар и Центар Жупа

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски донесе одлука за ангажирање на Армијата за поддршка на локалната самоуправа во Дебар и Центар Жупа и поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи (МВР) во обезбедување на дел од државната граница со Република Албанија на територијата на општина Дебар.

„Одлуката е донесена во функција на спречување на ширењето на Корона вирусот COVID-19 и отстранување на последиците од епидемијата, по прогласувањето кризна состојба на територијата на општините Дебар и Центар Жупа", се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.

„Единиците на Армијата ќе ги координираат своите активности и ќе соработуваат со локалната самоуправа во Дебар и Центар Жупа, полицијата, Центарот за управување со кризи и останатите институции на државата вклучени во справувањето со кризната состојба", се додава во соопштението.

Времетраењето на активноста и ангажирањето на силите и капацитетите на Армијата ќе биде од 13.03.2020 до 11.04.2020 година, информираат од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Потсетуваме, министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче денеска соопшти дека во земјата има четири нови случаи на коронавирус. Филипче информираше за одлуката на Владата да воведе кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, во општините Дебар и Центар Жупа.

Министерот Филипче рече дека четирите лица кај кои е утврдено дека имаат коронавирус се од Дебар.

„Тоа беше директна причина да се воведе кризна состојба во Дебар и Центар Жупа и непосредно после тоа на седница на Влада се донесе одлука за ограничување на движењето во и надвор од истите“, изјави Филипче.

Со новите четири случаи бројот на лица кај кои е потврден коронавирусот (Ковид-19) се искачи на 13, од кои една пациентка е излекувана. (Агенција Анадолија-АА).



Слични вести