Бројот на потврдени случаи на зараза од коронавирусот во Северна Македонија се зголеми на 9

Со потврдените нови два случаи на коронавирус, бројката на лица кај кои е потврден вирусот во Северна Македонија се зголеми на девет, од кои едно лице е излекувано

1376618
Бројот на потврдени случаи на зараза од коронавирусот во Северна Македонија се зголеми на 9

Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче информираше за два нови случаи на коронавирусот (Ковид-19) во земјата.

Со потврдените нови два случаи на коронавирус, бројката на лица кај кои е потврден вирусот во Северна Македонија се зголеми на девет, од кои едно лице е излекувано.

„Од сите денес испитани пациенти двајца се позитивни на коронавирусот. Тоа се двајца луѓе од Дебар коишто биле во непосреден контакт со тројцата претходно хоспитализирани. Биле комшии, имале чести контакти. Сите други нивни роднини коишто живеат во иста куќа се негативни, но ќе продолжат да бидат во изолација и да бидат на домашно лекување. Нивната здравствена состојба дозволува да бидат на домашно лекување и да не бидат хоспитализирани", рече Филипче на прес-конференцијата во Владата.

Тој  информираше за новите дополнителни мерки на Владата против коронавирусот.

„На сите вработени лица во здравствениот сектор им се препорачува да не користат годишни одмори, платени и неплатени отсуства за време на овој период", рече Филипче.

„Се задолжува Министерството за внатрешни работи во текот на денешниот ден да објави соопштение во кое ќе се наведе дека ќе се преземат соодветни мерки за сите лица кои објавуваат дезинвормации, односно невистини, како и медиумите кои истите тие дезинформации ги пренесуваат", додаде тој.

Како што соопшти министерот за здравство, се задолжува Институтот за јавно здравје да подготви текст за пишаните и електронски медиуми во однос на почитување на препораките против Ковид-19 кој ќе биде доставен до Министерство за здравство за понатамошно процесуирање и објавување.

Новиот коронавирус, официјално познат како Ковид-19, за првпат беше откриен минатиот декември во Вухан, Кина.

Светската здравствена организација (СЗО) го прогласи коронавирусот за глобална пандемија, На прес-конференцијата во седиштето на СЗО во Женева, челникот на здравствената агенција на ОН, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека во текот на изминатата недела бројот на заболени од Ковид-19 надвор од Кина се зголемил за 13 пати, а тројно се зголемил во однос на бројот на земји каде што е раширен.

„Сега има над 118.000 случаи на заразени низ 114 земји, а над 900 лица се наоѓаат на интензивна нега само во Италија“, рече Аданом.

Тој додаде дека ова е прва пандемија предизвикана од групата на коронавируси. (Агенција Анадолија-АА)

 



Слични вести