Излекуван првиот пациент од коронавирус во Северна Македонија, а останатите се во стабилна состојба

„Контролниот тест на пациентката којашто иницијално беше прва пациентка кај нас, е негативен, и таа во следните денови ќе биде испуштена на домашно лекување“ - рече министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче

1376585
Излекуван првиот пациент од коронавирус во Северна Македонија, а останатите се во стабилна состојба

Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче, на прес-конференција информираше дека во земјата нема нови случаи со коронавирус и дека е излекувана првата пациентка којашто беше потврдена на 26 февруари.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има 7 пациенти, сите се со стабилна, лесна клиничка слика. Никој нема потреба од механичка вентилација. Контролниот тест на пациентката којашто иницијално беше прва пациентка кај нас, е негативен, и таа во следните денови ќе биде испуштена на домашно лекување“, истакна Филипче.

Тој исто така рече дека моментално се тестираат 12 пациенти, меѓу кои и тројца кои допатувале од Италија.

Филипче истакна дека мерките објавени вчера, вклучително и двонеделното прекинување на наставата и ослободувањето на еден родител на децата под 10 години, важат и за јавниот државниот и за приватниот сектор. Тој исто така рече дека се предвидени санкции за какво било непочитување.

Министерот за здравство беше запрашан за состојбата со лицата кои се во домашна самоизолација, а кои биле во контакт со кое било од лицата кај кои е потврден коронавирусот. Тој рече дека тие лица се здрави и дека немаат никакви симптоми, додавајќи дека тие се во постојан контакт со нив.

Во Северна Македонија во понеделникот беше потврдено дека директорката на Клиниката за кожни болести на Скопје, исто така, е заразена со коронавирусот, а таа претходно присуствувала на семинар за дерматологија и пет последователни дена била редовна на работа.

Поради ова, сите луѓе кои биле во контакт со неа се во самоизолација, што доведе до нефункционирање на клиниките за кожни болести во Скопје и Штип.

„Во Штип, одделението не функционира затоа што сите тие вработени, дерматовенеролози, присуствувале на семинарот. Презедовме две мерки, едната е пренасочување на сите прегледи на Дерматовенерологија во болницата „8 Септември“, додека дел од колегите, јавно ги дадоа своите имејл-адреси за комуникација со пациентите, со оглед на тоа што огромен процент од оваа патологија, на дерматовенерологијата, може така да се третира“, рече Филипче.

Тој исто така рече дека во другите градови во земјата, одделенијата за дерматологија добро функционираат.

Новиот коронавирус, официјално познат како Ковид-19, за првпат беше откриен минатиот декември во Вухан, Кина.

Според Светската здравствена организација (СЗО), вирусот се рашири во 110 земји, а бројот на починати од вирусот на глобално ниво изнесува над 4.250 лица, со повеќе од 118.100 заразени. (Агенција Анадолија-AA)



Слични вести