Во Северна Македонија потврден четвртиот случај на коронавирус: Пациентката не ја исполнила препораката за самоизолација

Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче истакна дека станува збор за лекарка, директорка на Клиниката за кожни болести, која допатувала од Италија пред една недела и не ја исполнила двонеделната препорака за самоизолација

1374881
Во Северна Македонија потврден четвртиот случај на коронавирус: Пациентката не ја исполнила препораката за самоизолација
Kuzey Makedonya Sağlık Bakanı Venko Filipçe.jpg

Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче, на прес-конференција информираше за четвртиот потврден случај на коронавирус во Северна Македонија.

„Доцна синоќа на Клиниката за инфективни болести беше дијагностициран уште еден случај на пациентка позитивна на коронавирусот. Таа во текот на претпладнево, сега во овие моменти, се хоспитализира на Клиниката за инфективни болести“, рече министерот Филипче, додавајќи дека нејзината состојба е стабилна и има лесна клиничка форма.

Министерот со „огромно разочарување“ истакна дека станува збор за лекарка, директорка на Клиниката за кожни болести, која допатувала од Италија пред една недела и не ја исполнила двонеделната препорака за самоизолација.

„Морам да кажам дека со огромно разочарување во контекст на непочитувањето на препораките и апелите за задолжителната автоизолација по секое патување во ризичните региони, ве информирам дека пациентката е практично наша колешка лекар, која пред една недела допатувала од Италија. Таа докторка е директорка на Клиниката за кожни болести и практично по враќањето во земјата, изминатите пет работни дена, одела редовно на работа“, рече Филипче.

Имајќи го предвид овој факт, министерот Филипче рече дека со „исклучително големо внимание“ се пристапува кон мерките на Клиниката за кожни болести, додавајќи дека во овој момент екипи на Институтот за јавно здравје го проценуваат нивото на ризик за сите лица што имале контактирано со пациентката, вклучително и пациентите, вработените, семејството и пријателите.

Тој истакна дека во зависност од одлуката на епидемиолозите, Одделот може да биде целосно затворен. Филипче исто така информираше дека лекарката не била дежурна во клиничката амбуланта и немала директен контакт со пациенти кои не биле хоспитализирани на Клиниката.

Филипче, исто така, рече дека авиокомпанијата „Виз ер“ ги суспендирала летовите кон опасните области во северна Италија, повторувајќи го својот повик за многу сериозно сфаќање на двонеделниот период на самоизолација.

Првиот потврден случај на коронавирус во Северна Македонија беше на 26 февруари. Во врска со тоа, министерот Филипче информираше дека здравствената состојба на првата пациентка е целосно стабилизирана, додавајќи дека денес или утре таа ќе има контролен тест, по што ќе се одлучи дали ќе биде испуштена од болницата.

Во петокот беа потврдени два нови случаја на коронавирус, односно овој вирус беше потврден кај двајца сопружници од Дебар на возраст од 62 и 68 години, кои исто така престојувале во северна Италија.

Првично откриен во кинескиот град Вухан во декември, вирусот којшто официјално е познат како Ковид-19 се рашири во повеќе од 80 земји. 

Според Светската здравствена организација (СЗО), вкупниот број на починати е околу 3.800 со над 110.000 потврдени случаи.

СЗО, која ја прогласи епидемијата за вонредна меѓународна здравствена состојба, неодамна го ажурираше глобалното ниво на ризик на „многу високо“. (Агенција Анадолија-AA)



Слични вести