Собранието на Северна Македонија го ратификува Северноатлантскиот договор

Во Собранието на Република Северна Македонија се одржа свечена седница на која од 120 пратеници колку што брои Собранието присуствуваа 116 пратеници од кои пак 114 гласаа „за“ Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор

Собранието на Северна Македонија го ратификува Северноатлантскиот договор

Собранието на Република Северна Македонија на вчерашната свечена седница со 114 гласа „за“ го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.

Во Собранието на Република Северна Македонија се одржа свечена седница по повод Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, на која од 120 пратеници колку што брои Собранието, присуствуваа 116 пратеници, од кои 114 гласаа „за“ Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.

Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор е со одложено дејство, односно ќе има важност откако и последната земја членка на Алијансата, Шпанија, ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. Гласањето за овој договор со одложено дејство е затоа што Собранието на Северна Македонија треба да се распушти пред одржувањето на предвремените парламентарни избори предвидени за 12 април оваа година.

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во своето обраќање на свечената седница истакна дека со ратификацијата на Северноатлантскиот договор започнува последната фаза од пристапувањето во полноправно членство на Северна Македонија во Северноатлантскиот сојуз, а токму тука, во Собранието, пред 27 години, во декември 1993 година, првиот парламентарен состав во независна, суверена и демократска Македонија донесе стратешка одлука за членство на државата во НАТО.

„Од првата одлука на Собранието до денеска, големото мнозинство граѓани го поддржуваа нашето интегрирање во НАТО. Затоа, обврската и одговорноста на нашата генерација политичари да го доврши овој процес има неспорно историско значење“, истакна Пендаровски.

Тој додаде дека со формално станување како 30. членка на НАТО, одговорноста на Северна Македонија се зголемува, а реформите не запираат.

Според Пендаровски, членството во НАТО немаше да биде возможно без длабоките политички промени кои во земјата се случија во текот на изминатите години, а новата политика кон соседите и цврстата заложба за решавање на споровите заради градење добрососедски односи се темелот на успехот во остварувањето на стратешките цели.

„Сега останува сите ние, граѓаните на 30-тата земја членка на Алијансата, вложениот труд во изминатите децении да го ефектуираме, да докажеме дека сме достојни за овој успех и да му покажеме на светот дека кога се верува во исти вредности, не постојат разлики меѓу малите и големите држави“, рече Пендаровски.

- „Историски ден за Северна Македонија"

Премиерот на Северна Македонија, Оливер Спасовски, во своето обраќање на свечената седница рече дека денеска е историски ден, бидејќи „Северна Македонија станува дел од безбедносниот штит на најважниот воен сојуз во светот“. Премиерот Спасовски истакна дека пратениците во овој Парламент донесоа тешки одлуки.

„Не беше лесно да се помине низ процес за промена на името на државата, а да ги задржиме нашите идентитетски прашања. Со договорите со Грција и Бугарија ги отворивме страниците на пријателство, го урнавме ѕидот кој нѐ делеше и изградивме пријателство меѓу двата народи. Грција беше првата земја членка на НАТО која го ратификуваше Договорот за нашето членство на НАТО“, рече Спасовски. 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во својот говор истакна дека патот на Северна Македонија кон НАТО, гледан низ призмата на изминатите три децении, не беше ниту малку лесен и беше испреплетен со многу турбулентни моменти. Го честита скорото зачленување во НАТО, потенцирајќи на заложбите што низ годините ги дале владите, парламентите, но и граѓаните со својата континуирана поддршка за членство во НАТО. 

„И покрај нашиот неуспех да го постигнеме тоа на Самитот на НАТО во Букурешт 2008 година, со добивањето условена покана за членство во Алијансата, иако разочарани, не бевме поколебани да продолжиме со остварувањето на нашата стратешка цел. Напротив, Собранието, Владата, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и сите други државни институции, продолжија многу трудољубиво и со многу голем ентузијазам, посветено да работат на реформската агенда поставена од НАТО“, рече Џафери. 

Вршителот на должноста претседател на Парламентарното собрание (ПС) на НАТО, Атила Местерхази, се обрати на свечената седница, истакнувајќи дека НАТО им служи на граѓаните. Тој истакна дека Северна Македонија го заслужи местото во НАТО со определбата и активната посветеност на постигнувањето на евроатлантската безбедност. 

Според него, Северна Македонија покажа дека е подготвена да ги прифати обврските на сојузникот НАТО. 

„Вашите 29 пријатели и соработници ќе одговорат на вашите барања, независно од тоа што се бара. Оваа поврзаност и оваа алијанса кон која се приближувате е единствена, не е само военополитичка организација туку тоа е исто така Алијанса на демократијата, којашто ѝ служи на добросостојбата на граѓаните и на безбедноста“, рече Местерхази, и додаде дека пораката на Северна Македонија ќе испрати и една многу важна порака во регионот. 

Во рамките на свечената седница се обратија и координаторите на политичките партии и пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. 

По свечената седница, во рамките на свечената церемонија, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, Зоран Јанковиќ, на претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, му го предаде знамето на НАТО кое потоа беше закачено на јарболот до македонското знаме пред Собранието. 

Потсетуваме, Северна Македонија на 12 јули 2018 година на Самитот на НАТО во Брисел доби повик да стане членка на Алијансата. 

Потоа, Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО е потпишан во седиштето на НАТО во Брисел во февруари минатата година. 

Оттогаш почна процесот на ратификацијата на овој Протокол во парламентите на земјите членки на Алијансата. Досега протоколот го ратификуваа 28 држави, додека Шпанија, по формирањето на Владата го започна тој процес кој нема да биде завршен пред распуштање на Собранието на Северна Македонија. 

Според изјавите на претставниците на државниот врв на Северна Македонија, се очекува Северна Македонија официјално да стане членка на НАТО во текот на месец март оваа година. (Агенција Анадолија-АА).



Слични вести