Собранието на Северна Македонија со 101 глас ја избра техничката Влада предводена од Оливер Спасовски

Собранието на Република Северна Македонија со 101 глас „за“, без „воздржани“ и „против“ ја избра новата техничка Влада предводена од премиерот Оливер Спасовски

1334488
Собранието на Северна Македонија со 101 глас ја избра техничката Влада предводена од Оливер Спасовски

Собранието на Република Северна Македонија со 101 глас „за“, без „воздржани“ и „против“ ја избра новата техничка Влада, која треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 12 април, согласно договорот на политичките партии.

Премиер во техничката Влада е Оливер Спасовски.  

Спасовски во експозето пред пратениците истакна дека нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога од нас се очекува непречено функционирање на сите институции.

„Ова е време кога е потребно да се организираат фер и демократски избори, но и да се завршат потребните активности за полноправно членство на нашата држава во Северноатлантската алијанса и да се следат одлуките на Европскиот совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во Европската Унија“, нагласи Оливер Спасовски, додавајќи дека да се води техничката Влада во овој период за него претставува силен предизвик, но и голема лична, професионална и политичка одговорност.

Според програмата за работа што Спасовски ја истакна пред пратениците, Владата во периодот до изборот на следната политичка влада за свои стратешки приоритети ги потврдува успешното организирање слободни, фер и демократски предвремени парламентарни избори, полноправното членство на РСМ во НАТО, успешното започнување и водење на пристапните преговори со ЕУ и развој на економијата.

Во техничката Влада опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги води Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, а исто така ќе има и тројца заменици министри во Министерството за земјоделство, за финансии и за администрација и информатичко општество.

Претходно, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, му го врачи мандатот за формирање на техничката Влада на досегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој по гласањето во Собранието ќе ја предводи Владата составена од политичките партии во позиција и опозиција, што ќе ги организира предвремените парламентарни избори планирани за 12 април оваа година.

Претпладне, Парламентот ја констатираше оставката на досегашниот премиер Зоран Заев, која беше доставена до Парламентот врз основа на договорот постигнат меѓу политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори.

Техничката Влада ќе се состои од министри и заменици-министри од позицијата и опозицијата. Две клучни позиции, односно Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, ќе бидат предводени од страна на кадарот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Заев ја соопшти оставката откако Комисијата на ЕУ не даде зелен сигнал за започнување на преговорите за членство на земјата во ЕУ, по што политичките партии се согласија за одржување предвремени избори, чие организирање ќе го води техничката Влада.

Последните парламентарни избори се одржаа на 11 декември 2016 година. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести