Новиот амбасадор на Турција во Северна Македонија Хасан Мехмет Секизќок ги предаде акредитивите на претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски истакна дека двете држави споделуваат заеднички вредности за толеранција, меѓусебно разбирање и почит, вредности кои претставуваат клучни столбови во градењето на подобра и попросперитетна иднина за граѓаните на двете земји

1328938
Новиот амбасадор на Турција во Северна Македонија Хасан Мехмет Секизќок ги предаде акредитивите на претседателот Стево Пендаровски

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Република Северна Македонија Хасан Мехмет Секизќок.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот Пендаровски, изразувајќи задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка помеѓу двете пријателски земји коишто се во духот на силно традиционално пријателство и партнерство, претседателот Пендаровски истакна дека двете држави споделуваат заеднички вредности за толеранција, меѓусебно разбирање и почит, вредности кои претставуваат клучни столбови во градењето на подобра и попросперитетна иднина за граѓаните на двете земји.

Претседателот Пендаровски упати благодарност за целокупната поддршка на Република Турција за Република Северна Македонија, пред сé за цврстата и отворената поддршка за евроатланскиот пат на нашата земја, додавајќи дека досегашното природно сојузништво во НАТО ќе се преточи и во официјално, со што двете земји заедно ќе продолжат да обезбедуваат мир и стабилност во регионот, но и за Европа во целост.

„Остануваме будни во нашиот регион, кој неретко и во различни форми е на удар на пошироки геостратешки игри и закани, со што соработката, довербата и координацијата во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалните миграции, сајберзаканите и слични феномени, претставуваат приоритет за сите нас“, рече Пендаровски, стои во соопштението.

Исто така, во соопштението се наведува дека заблагодарувајќи се за срдечното добредојде, амбасадорот на Турција во Скопје Хасан Мехмет Секизќок оцени дека вкоренетите историски и човечки врски, споделените демократски вредности и целите на економско поле ќе помогнат во зајакнувањето на соработката помеѓу двете земји, и истакна дека во периодот кој следува, покрај трговијата и инвестициите, заемната соработка ќе се интензивира и продлабочи и во многу други сфери.

„Турција ја гледа Северна Македонија како важен и ценет партнер. Развивањето на нашите партнерски односи е и во полза на Балканот и на евроатлантското семејство“, рече амбасадорот Секизќок, се вели во соопштението.

„Притоа додаде дека еден од основните постулати на блиските односи и соработка е турската заедница која на овие територии постои со векови и вложува труд за развојот и доброто на Северна Македонија, изразувајќи уверување дека Турција и понатаму ќе продолжи со својата поддршка за Северна Македонија, со цел подигнување на нивото на просперитет на граѓаните на земјата“, се додава во соопштението од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Скопје Хасан Мехмет Секизќок му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.

Потсетуваме дека турскиот амбасадор Секизќок вчера се состана и со министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров. (Агенција Анадлија-АА)



Слични вести