Значајни изјави од претседателот на Собранието на Турција Шентоп за Агенцијата Анадолија во Скопје

Претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп кој отпатува во Северна Македонија по повод 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик овде даде значајни изјави за новинската Агенција Анадолија (АА)

1327668
Значајни изјави од претседателот на Собранието на Турција Шентоп за Агенцијата Анадолија во Скопје

Претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп, во врска со американската одлука за санкции изјави дека ниту една земја, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави (САД), не може ја принуди Турција на нешто.

За време на средбите во Северна Македонија, Шентоп даде изјава за новинската Агенција Анадолија (АА) во која даде проценка за одлуката на САД за санкции, за ратификацијата на меморандумот за воена и безбедносна соработка меѓу Турција и Либија во турското Собрание, за официјалното писмо за можноста Турција да испрати војници во Либија и за подемот на расизмот и исламофобијата во Европа.

Во врска со санкциите, Шентоп истакна дека подолг период САД, особено по изборот на Доналд Трамп за претседател, користат моќна закана и додаде: „Кога има проблеми со водењето на односите со голем број земји, ги применуваат санкциите како закана. Секако се сеќавате дека во прво време, кога за тоа се зборуваше до пред година и пол, постоеше одреден ефект од психолошки аспект, но бидејќи тие го користат тоа многу често, со време заканите сега ќе ги воведеме, ги воведовме и слично, влијанието на оваа закана почна да се намалува. Првенствено, јас не верувам дека тоа ќе има влијание врз Турција од економски аспект. Такво нешто нема да биде доведено во прашање.“

Шентоп истакна дека доколку се земат предвид алтернативите, тогаш санкциите и ембаргата нема да ја спречат ниту да ѝ наштетат на Турција, особено на нејзината разновидност во полето на одбраната и продолжи со зборовите:

„Тоа го кажувам поради следното, зарем Турција и онака претходно не беше предмет на ембарго поради нешто слично, без јасна одлука, на пример во врска со санкциите за „Ф-35“? Проектот „Ф-35“ во кој сме вклучени, во кој од самиот почеток направивме големи трошоци. Но изјавија дека нема да ни ги испорачаат авионите. Зарем тоа не е повторно еден вид санкција, ембарго? Зарем ние претходно не се соочивме со слични ситуации и за беспилотните летала и проектилите „Патриот“? Што направивме наспроти тоа? На дневен ред го донесовме ракетниот систем „С-400“. Турција направи одлучни чекори по тоа прашање. Турција ги разгледува алтернативите во врска со „Ф-35“. Го знаеме следното, а тоа е дека Турција по ова прашање не е принудена или врзана кон ниту една земја, вклучувајќи ги тука и САД.“

- „Го нема поранешниот свет, ја нема повеќе ниту поранешна Турција“ -

Шентоп истакна дека живееме во свет кој се менува, додавајќи дека повеќе го нема светот од 20 век дизајниран од два блока. Тој рече дека во постоечкиот мултиполарен свет секогаш постојат алтернативи за Турција.

Шентоп посочи дека според него, санкциите и ембаргата од економски аспект нема да имаат влијание на полето на одбранбената индустрија и продолжи со зборовите: „Има само едно негативно влијание, а тоа е дека тие ќе им наштетат на турско-американските односи. До таков заклучок се доаѓа ако тоа е изборот на САД, доколку тоа им е целта, да ги расипат или да им наштетат на односите со Турција. Но треба да се напомене следното, дека во денешниот свет не е можно да се постигнат резултати со ембарга, закани, со практики и одлуки кои не го почитуваат меѓународното право. Го нема поранешниот свет, ја нема повеќе ниту поранешна Турција.“

По прашањето за ратификацијата на меморандумот за воена и безбедносна соработка меѓу Турција и Либија во турското Собрание Шентоп истакна:

„Тоа можеби, по природа претставува продолжување на ексклузивната надлежност што претходно на економско поле ја потпишаа Турција и Либија. Овој договор го зајакнува и го гарантира претходно договореното. Либија, според меѓународното право, е призната земја, и има Влада која е призната од Обединетите нации и голем број земји од светот. Против оваа влада се бори еден поранешен генерал со платена војска. Знаеме дека поддршка му даваат и некои арапски земји.“

- „Турција потпишува соработка со Влада која е призната во светот“ -

Шентоп истакна дека меѓународните медиуми објавиле дека претходниот ден египетски авиони 2,5 часа го бомбардирале градот Мисрата, поставувајќи го прашањето: „Зарем постои друга држава која би ги бомбардирала градовите на соседна земја?“

„Мислам дека е потребно по ова прашање да се привлече вниманието и на меѓународната заедница. Постои група составена од платена војска, која се бори против Влада што е меѓународно призната. Во тој контекст Турција всушност постигнува договор, воспоставува соработка со Влада која е призната од Обединетите нации, која е призната и според меѓународното право, призната и од голем број земји меѓу кои е и Турција. Како што тоа е можно на економско поле, на ист начин тоа може да се направи и на полето на одбраната. Според мене, на овој договор треба да се гледа како на договор кој го надополнува договорот што Турција претходно го потпиша. Мислам дека тој ќе има позитивно влијание, особено во Средоземното Море и во Северна Африка“, истакна Шентоп.

Во врска со можноста Турција да испрати војска во Либија, тој рече: „Тоа е посебна тема. Значи тоа не е задолжителен резултат на овој договор. Мислам дека е можно и да се дискутира за потребата од такво нешто. Во тој контекст сметам дека во моментов меѓународно признатата либиска Влада нема потреба од војска, ниту сметам дека ѝ е потребна ваков вид поддршка. Таму има поинаква слика, поинаква ситуација.“

- „Европа има потреба од младо, динамично население кое е работоспособно“ -

Во врска со подемот на расизмот и исламофобијата во Европа, Шентоп потсети дека примери за тоа претходно се видени во Австралија и Нов Зеланд.

Покрај на исламофобијата, Шентоп потсети и на постоењето на ксенофобијата. „Всушност Европа досега од културен аспект опстојуваше како затворена и монокултурна структура. Можеби постои политички плурализам, но во основа таа дејствуваше како монокултура. Луѓе од различни култури во многу исклучителни случаи како бројка беа дел од општеството, и како исклучоци го покажуваа своето постоење, иако заедно со глобализацијата светот многу се смени. Заедно со слободниот проток на пари, стока, дојде и до слободното движење на луѓето, а со тоа и на културата. Всушност Европа не е подготвена на тоа бидејќи од културен аспект таа има монистичка структура. Сега се соочуваат со различни култури и тоа интензивно.“

Шентоп подвлече дека тоа уште повеќе ќе се интензивира, велејќи дека во светот има многу значајни измени околу рамнотежата на светската популација.

Истакнувајќи дека во период од четврт век ќе дојде до големи измени во рамнотежата на популацијата, Шентоп рече дека Европа се соочува со население кое интензивно старее и за да може да дојде до враќање на економијата, до работа на системот за социјална заштита, Европа има потреба од младо, динамично население кое е работоспособно.

Велејќи дека тоа создава вакуум во Европа, Шентоп посочи: „Од друга страна имаме луѓе кои не можат да живеат во своите земји поради судири, немири, војни, граѓански војни, поттикнати од европските земји. Повторно, поради продолжувањето на експлоатацијата од економски аспект, имаме голема маса на луѓе кои немаат ниту минимални услови за живот во голем број делови од светот, првенствено во Африка. Затоа тие се во потрага за места во кои ќе можат да ги задоволат своите минимални потреби за живот. Во тој контекст, поради динамиката на тие промени во населението, очекувам да се појави социјална слика на мултикултурна, мултирелигиозна, мултилингвална Европа.“

Велејќи дека Европа не е навикната на тоа, Шентоп продолжи со зборовите:

„Затоа денес во Европа постои ксенофобија кон овие различни култури, но особено постои ескалација на исламофобијата против исламот и муслиманите. Против тоа предводник е Турција, а има и студија предводена од нашиот претседател (Реџеп Тајјип Ердоган) во Генералното собрание на Обединетите нации, во која се вклучени Малезија и Пакистан. Тоа ќе се прошири. Првенствено, неопходно е таа слика, вистината да им се објасни на добронамерните медиуми, политичари, кои не можат точно да ги согледаат тие факти. Потребно е и пред целиот свет да го откриеме менталитетот и концептот на злонамерните. Во таа насока, Турција вложува големи напори.“

- „Турција ги поддржува балканските земји во одржувањето на трајниот мир“ -

Зборувајќи дека престојуваше во Северна Македонија по повод 21 Декември - Денот на турската настава, Шентоп изјави дека се обидел да учествува во тие активности колку што е тоа можно.

Шентоп посочи дека покрај етничките Турци кои зборуваат турски и живеат во Северна Македонија, постои и друго население кое го зборува турскиот јазик, и потсети дека овој ден е од големо значење и за луѓето кои имаат емотивна поврзаност со Турција.

Истакнувајќи дека балканските земји и заедници, првенствено Северна Македонија, се многу значајно подрачје не само од сопствен аспект, туку и од аспект на мирот во Европа и светот, Шентоп посочи: „Ова се простори во кои во период од над 100 години се доживеани многу болни настани, и во блиското минато во Босна беше доживеан многу сериозен геноцид и беше спроведен масакр врз Бошњаците. Пред очите на Европа, со преноси во живо, целиот свет беше сведок на тоа. Затоа, овие простори имаат потреба од мир и стабилност. Во тој контекст, Турција ги поддржува балканските земји во остварувањето на траен мир, тој да биде одржлив, од аспект на обезбедување на економска и политичка стабилност.“

Потсетувајќи дека Турција е првата земја која Северна Македонија ја призна под уставното име, Шентоп рече дека од тој датум Турција и во најтешките времиња и во процесите за членство и интеграција во институциите во Северноатлантската алијанса постојано ја поддржуваше Северна Македонија.

Посочувајќи дека меѓу двете земји постојат многу цврсти врски, Шентоп продолжи со зборовите: „Важен столб на овие односи се луѓето што живеат тука и го зборуваат турскиот јазик. Тие во исто време претставуваат мост меѓу нас.“

Претседателот на турскиот Парламент Мустафа Шентоп, на граѓаните на Северна Македонија им го честиташе Денот на наставата на турски јазик. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести