Манифестација во Скопје по повод 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик

Во Скопје, во главниот град на Северна Македонија се одржа манифестација по повод одбележувањето на 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик

1327418
Манифестација во Скопје по повод 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик

На централната манифестација во Скопје, по повод одбележувањето на 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, рече дека турскиот е заеднички јазик што го зборуваат милиони луѓе од Јадранот до Кина и дека на тој начин продолжува да гради врски меѓу срцата.

Манифестацијата беше организирана од Сојузот на турските невладини организации во земјата (МАТУСИТЕБ), а е поддржана од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Институтот „Јунус Емре“. Програмата започна со интонирање на химните на Северна Македонија и Турција, а по говорите беа доделени подароци за 9 студенти, победници на натпревари од областа на поезијата и сликарството.

На церемонијата беа присутни претседателот на ТБММ, Шентоп, вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерот за култура на Северна Македонија, Хусни Исмаили, министерот без ресор во Владата на Северна Македонија задолжен за странски инвестиции, Елвин, Хасан, претседателот на Уставниот суд, Салих Мурат, амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, како и претставници на турските институции и организации, пратеници, професори, претставници на политички партии и невладини здруженија.

Во своето обраќање пред присутните, Шентоп ги пренесе поздравите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, за кого рече дека негува посебни емоции кон овој регион. Тој рече дека е среќен што присуствува на прославата на Денот на наставата на турски јазик како потомок на семејство со потекло од Северна Македонија.

„Образованието на турски мајчин јазик, кое започна во училиштето „Тефејуз“ во дворот на џамијата „Султан Мурат“ во Скопје во 1944 година, продолжува и денес да шири знаење во истиот дух и со вашите придонеси“, рече Шентоп.

Претседателот на Турското собрание понатаму рече дека присуството на турската заедница и јазик на овие територии датира пред доаѓањето на Османлиите, додавајќи дека Турците се меѓу домородните народи на Балканот и Северна Македонија.

„Турскиот јазик е еден од јазиците што ја изгради оваа географија и култура“, додаде Шентоп.

- Спасовски: „Турската етничка заедница претставува едно сврзно ткиво во развојот на нашата држава“

Вицепремиерот на Владата на Северна Македонија и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на церемонијата по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, изрази задоволство што е дел од манифестацијата за одбележување на овој празник на турската заедница.

„Во богатиот етнички спектар на ова наше македонско тло, турската етничка заедница претставува едно сврзно ткиво, длабоко втемелено во културниот, историскиот и општествениот развој на нашата држава. Таа позиција, изградена со силната лојалност и добронамерност, со солидарност и уважување на сограѓаните, заслужува највисок можен респект“, изјави Спасовски.

„Заедничкото живеење низ векови меѓу двете заедници“, рече Спасовски, „се манифестира со поддршката која Турција ѝ ја пружа на Северна Македонија од нејзината независност.“

Тој исто така истакна дека треба да се чува и негува пријателството, кое, според него, остана како наследство од предците.

Министерот без ресор во Владата на Северна Македонија, Хасан, рече дека образованието на турски јазик е еден од елементите од коишто Турците од Северна Македонија никогаш нема да се откажат.

Говорејќи за работата на Владата на Северна Македонија во областа на образованието, тој испрати порака до турската заедница и наставниците да придонесат за натамошен развој на образованието на турски јазик не само со спроведување на реформите, туку и со учество во промените направени во ова поле.

- Турскиот амбасадор Секизќок: „Луѓето од оваа земја го наследиле своето богатство во мир и хармонија“

Амбасадорот Секизќок потсети дека штотуку пристигнал на должност во Скопје и посака Денот на наставата на турски јазик да биде „посебен ден за турската заедница во Северна Македонија“. 

Секизќок рече дека луѓето на оваа убава земја, кои со векови живееле заедно, го наследиле своето уникатно културно богатство до денешниит ден во мир и хармонија.

Секизќок истакна дека придаваат важност на тоа, помладите генерации што ја претставуваат турската заедница, покрај турскиот јазик, да добијат и квалитетно образование во сите области и да имаат соодветни услови.

„Во рамки на оваа цел, би сакал да истакнам дека поддршката и интересот на Турција ќе продолжат во иднина во соработка со релевантните власти на Северна Македонија“, рече турскиот амбасадор.

„По повод овој празник, сакам да изразам благодарност до сите наши луѓе кои го збогатија и сочуваа нашиот турски јазик низ целата историја“, додаде тој.

Турскиот амбасадор исто така им се заблагодари на соработниците за организирањето на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик, на чело со МАТУСИТЕБ, ТИКА и Институтот „Јунус Емре“.

Организаторот на настанот, претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, рече дека Турците од Северна Македонија се среќни што, како што рече тој, се собрале и го доживуваат ентузијазмот за турскиот јазик.

Тој исто така рече дека 21 декември е најголем показател за присуството на Турците во Северна Македонија и додаде дека и оваа година се организираат празнични активности со ТИКА и Институтот „Јунус Емре“.

„МАТУСИТЕБ, граѓанска организација која ги претставува Турците од Северна Македонија, до ден-денес, продолжува да биде подготвена за соработка во секоја активност и чекор преземен за надминување на проблемите на нашите сонародници“, рече Емин.

Пред свечениот прием присутните имаа можност да ја видат изложбата со фотографии од проектите поддржани од ТИКА во областа на образованието во Балкан и Источна Европа.

Денес, по повод празникот на турската заедница во Северна Македонија, Шентоп престојува во Северна Македонија.

Утрово беше пречекан од неговиот колега од Северна Македонија, Талат Џафери, со кого по средбата учествуваа на симпозиум посветен на овој ден, насловен „Изгубените вредности на турската култура на Балканот и во Источна Европа“, исто така организиран од МАТУСИТЕБ, поддржан од ТИКА и Институтот „Јунус Емре“. (Агенција Анадолија-AA)



Слични вести