Граѓаните на Хрватска гласаат за нов претседател на државата

Денеска над 3,8 милиони регистрирани гласачи во Хрватска гласаат за нов претседател на државата меѓу 11 кандидати

1327573
Граѓаните на Хрватска гласаат за нов претседател на државата

Граѓаните на Хрватска денеска гласаат за нов претседател на државата. 

Гласањето започна во 07:00  часот кога беа отворени гласачките места во целата земја, а ќе заврши во 19:00 часот.

За претседателските избори се регистрирани над 3,8 милиони гласачи кои ќе избираат од 11 претседателски кандидати од кои четворица независни. 

Меѓу кандидатите се и актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ која  во трката за втор мандат оди под слоганот „Претседателка. Затоа што Хрватска знае!“, како кандидатка на Хрватската демократска заедница (HDZ); и поранешниот премиер и поранешен претседател на Социјалдемократската партија (SDP) Зоран Милановиќ кој на изборите се кандидира со поддршка на неговата поранешна партија, во моментов главна опозициска партија и со голем број партии од левиот политички спектар.

Слоганот на Зоран Милановиќ е „Претседател со карактер“.

Други кандидати во трката за нов претседател на Хрватска се:

Поранешниот пратеник во Саборот од ХДЗ Мирослав Шкоро (независен кандидат), хрватскиот пратеник во Европскиот парламент (ЕП) и поранешен судија Мислав Колакушиќ (независен кандидат), Иван Пернар (од Партијата Иван Пернар) кој кампањата ја води преку социјалните мрежи на кои има голем број следбеници, кандидатот на Хрватската социјална либерална партија (HSLS) Дејан Ковач, Дарија Орешковиќ (независна кандидатка), режисерот Дарио Јуричан (независен кандидат), Поранешниот градоначалник на Општината Клањец, Недјељко Бабиќ кој е претседател е на партијата ХССЧКШ,  потоа претседателскиот кандидат на Демократскиот сојуз за национална обнова (DESNO) Анто Ѓапиќ и Катарина Пеовиќ претседателската кандидатка на Работничкиот фронт (RF) и Социјалистичката работничка партија (SRP).

Доколку во првиот круг, на денешните избори ниту еден од овие наброени кандидати не успее да освои 50 плус отсто од гласовите на хрватските бирачи, двајцата кандидати со освоени најмногу гласови ќе се натпреваруваат во вториот круг што ќе се одржи на 5 јануари 2020 година.

Според најголемиот дел од спроведените анкети, хрватските гласачи фаворизираат четворица претседателски кандидати и тоа, Колинда Грабар-Китаровиќ, Зоран Милановиќ, Мирослав Шкоро и Мислав Колакушиќ. 

Затоа речиси со сигурност се гледа дека изборите ќе останат за вториот круг.

Инаку, претседателските избори во Хрватска се одржуваат еднаш на 5 години и кандидатот за претседател може да ја извршува претседателската функција најмногу два претседателски мандати.



Слични вести