Претседателот на Собранието на Турција Шентоп се состана со претседателот на Собранието на Северна Македонија Џафери

Претседателот на Големото Народно Собрание на Турција Шентоп истакна дека Турција секогаш го подржувала и ќе продолжи да го поддржува членството и интеграцијата на Северна Македонија во меѓународните платформи, особено во ЕУ и Северноатланската алијанса

1327399
Претседателот на Собранието на Турција Шентоп се состана со претседателот на Собранието на Северна Македонија Џафери

Претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери, кој се состана со неговиот турски колега  претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп во Скопје, изјави дека Турција е земја со која односите се развиваат во духот на традиционалното историско пријателство и дека средбата меѓу двајцата претседатели на собранија е дополнително збогатување на овие односи.

Шентоп дојде во посета на Северна Македонија по повод 21 Декември - Денот на образованието на турски јазик, што го одбележува турската заедница во земјата. Тој оствари билатерална средба со претседателот на Парламентот Џафери, по што следуваше заедничка средба меѓу гостинската делегација и Парламентарната група за соработка со Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ).

На заедничката прес-конференција Џафери изјави дека ја смета Турција како земја со која односите се развиваат во „духот на историско и традиционално пријателство, меѓусебно разбирање, партнерство и активна соработка во бројни области од заеднички интерес“.

„Во овој контекст, состанокот е дополнително збогатување на важната парламентарна соработка, во улога на парламентарната дипломатија, што е исклучително важно за мене“, рече Џафери.

Џафери соопшти дека на средбата изразил благодарност до Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) за ратификувањето на Протоколот за пристапување на неговата земја во НАТО. Тој додаде дека припадниците на Армијата на неговата земја се дел од турскиот контингент во мисијата „Одлучна поддршка“ на НАТО во Авганистан и дека таму заедно ќе се посветат на промовирање и споделување на вредности и одговорности.

Тој исто така им честиташе на Турците од Северна Македонија по повод одбележувањето на нивниот празник на образование на мајчин јазик, потенцирајќи дека пријателството меѓу двете земји „историски и културно е поврзано со силниот мост што го сочинуваат граѓаните на турската заедница во Северна Македонија и граѓаните кои се иселиле од земјата и се населиле во Турција, кои се важна алка во врската“.

- Шентоп: „Северна Македонија е земја со демократска зрелост“

Претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп, го изрази своето големо задоволство што како гостин на претседателот на Парламентот на Северна Македонија се наоѓа во посета на земјата.

Истакнувајќи дека односите меѓу Турција и Северна Македонија се на многу добро ниво, Шентоп посочи дека во времето кога Северна Македонија ја прогласи својата независност, Турција беше првата држава која ја призна под уставното име.

Зборувајќи дека и политичките и економските односи меѓу двете земји продолжуваат на многу добро ниво, Шентоп рече: „Нашите потенцијали се многу поголеми. Надлежните органи од двете земји се решени со вложување напори и добра волја да го зголемат тоа.“

Шентоп го изрази своето убедување дека парламентарната дипломатија и односи ќе доведат до зацврстување и проширување на односите меѓу двете земји, потенцирајќи дека посетите на највисоко ниво ќе отворат пат на напорите за зајакнување на односите.

Претседателот на турското собрание Мустафа Шентоп истакна дека Турција секогаш го подржувала и ќе продолжи да го поддржува членството и интеграцијата на Северна Македонија во меѓународните платформи, особено во ЕУ и Северноатланската алијанса, и додаде:

„Потпишаниот Протокол за членството на Република Северна Македонија во НАТО многу бргу помина во Големото Народно собрание на Турција. Можеби тоа е меѓународен договор кој најбргу во историјата поминал во Собранието. Членството на Северна Македонија во НАТО сега е во завршна фаза и верувам дека ќе биде завршено што е можно поскоро. Верувам дека позитивно ќе продолжат и процесите поврзани со Европската Унија, иако понекогаш се појавуваат проблеми во тој процес. Северна Македонија е земја со граѓани со различно етничко културно потекло кои имаат демократска зрелост. Многу од нашите граѓани од различна етничка припадност кои живеат во Турција имаат роднини тука и блиски релации. Оваа блискост меѓу нашите граѓани претставува мост за развој на нашите односи.“

Шентоп рече дека втора причина за неговиот престој е 21 Декември - Денот на турското образование во Северна Македонија и им упати честитки на Турците во Северна Македонија по повод Денот на образованието.

Шентоп истакна дека ќе има можност со својот колега Талат Џафери, претседателот на Парламентот на Северна Македонија, да ги разгледа односите меѓу двете земји на регионално и меѓународно поле, додавајќи дека се решени да ги придвижат односите меѓу двете држави на подобро место.

Шентоп, истакнувајќи дека односите меѓу Турција и Северна Македонија не претставуваат само односи меѓу две земји, продолжи со зборовите: „Балканот кој е од големо значење за мирот и безбедноста на Европа, значаен е и од аспект на стабилноста. Се надевам дека изборите што ќе се одржат на 12 април 2020 година ќе бидат од корист за Република Северна Македонија.“

Двајцата претседатели на парламенти Шентоп и Џафери заедно присуствуваа и на симпозиумот насловен „Заборавените вредности на турската култура на Балканот и Источна Европа“.

Потоа во попладневните часови, претседателот на Големото Народно собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп учествуваше и на централниот настан по повод 21 Декември, што се одржи во Скопје. (Aгенција Анадолија-AA)



Слични вести