Светските фоторепортери за негирачот на геноцидот Хандке: Бевме во Босна, знаеме дека е извршен геноцид

Иницијативата и поканата на воените фоторепортери да ги објават своите фотографии од Босна и Херцеговина, сликани во текот на војната 1992-1995 година, потекна од Петер Маас

1322170
Светските фоторепортери за негирачот на геноцидот Хандке: Бевме во Босна, знаеме дека е извршен геноцид

Доделувањето на Нобеловата награда на контроверзниот австриски писател и негирач на геноцидот во Сребреница Петер Хандке наиде на голем број критики и осуди од целиот свет.

Познати фоторепортери кои известуваа од Сараево за време на војната, како и од другите делови на БиХ, се приклучија на осудите поради доделувањето на Нобеловата награда на австрискиот писател и негирач на геноцидот Петер Хандке.

Тие споделија свои фотографии и пораки на социјалната мрежа Твитер со хаштагови (ознаки) #NobelPrize #Handke #BosniaWarJournalists.

Иницијативата и поканата на воените фоторепортери да ги објават своите фотографии од Босна и Херцеговина, сликани во текот на војната 1992-1995 година, потекна од Петер Маас.

Фоторепортерот Сантиаго Лион, кој е ранет додека ја извршуваше својата новинарска задача во текот на војната во Босна, порача дека ова е голем срам за Нобеловата награда и самиот Хандке.

„Срам за Нобеловата награда и срам за Хандке поради неговата слепост и свесното порекнување на геноцидот во Босна. Бев таму како фоторепортер и видов од прва рака", порача Лион.

Тој сподели фотографија на која може да се види мртва жена на една од сараевските улици, а со фотографијата во описот стои: „Жена која е убиена од српски снајперист, јуни 1992 година."

Фоторепортерката Нина Берман сподели фотографија на жена муслиманка, жртва на силување во текот на војната во Босна и Херцеговина, која ја забележа во болницата во Тузла. Берман напиша дека „Србите во војната силувањето го користеле како стратегија во вршење на етничко чистење".

Уште еден светски познат воен фоторепортер Рон Хавив, чии воени фотографии од Хрватска и Босна и Херцеговина го обиколија светот, сподели своја фотографија забележана во Бијељина во март 1992 година, на која се гледа како припадник на Аркановите тигри со нога удира убиени цивили.

„Етничкото чистење на 2 март 1992 година, српските паравоени војници познати како Арканови тигри, Бијељина. Босна. Муслиманските цивилни жртви Абдурахман и Хамијета Пајазити, Ајша Шабановиќ", напиша Рон Хавив под својата фотографија.

Ентони Лојд, фоторепортерот на списанието „The Times", ги следеше воените случувања во Босна и Херцеговина, Косово, Авганистан, Ирак, Чеченија, Сиера Леоне, Либија и Сирија.

По повод доделувањето на Нобеловата награда на Хандке, на Твитер сподели фотографија на жена во искинат фустан со опис дека станува збор за жена која е пронајдена покрај пат, по неколку дена поминати во српски логор.

„Ние кои бевме таму, знаеме и се сеќаваме на реалноста", напиша Лојд.

Фоторепортерот Хавиер Баулуз сподели фотографија на две босански машки деца зад кои може да се видат гробишта, а порака напиша на англиски и на шпански јазик.

„Бев таму (во Босна и Херцеговина) како воен фоторепортер. Доделувањето на Нобеловата награда на Хандке е како лажна вест. Сите знаеме дека таму (во Босна) беше извршен геноцид", напиша Баулуз.

Роџер М. Ричардс, фоторепотер и режисер кој во Сараево дојде во 1992 година и остана долго по опсадата, автор на филмот „Сараевски ружи" (Sarajevo Roses), сподели повеќе фотографии кои ги тематизираат воените случувања во БиХ, а по повод скандалозното доделување на Нобеловата награда на Хандке.

Меѓу нив е фотографија забележана во Поточари во 2009 година, на 14 годишнина на геноцидот во Сребреница, кога се погребани 534 жртви од геноцидот.

„Колективен погреб во 2009 година 534 жртви (меѓу повеќе од 8.000) босански машки лица и момчиња убиени од страна на силите Милошевиќ-Караџиќ-Младиќ", напиша Ричардс под фотографијата. (Агенција Анадолија-AA)



Слични вести