На претседателските избори во Романија победи актуелниот претседател Клаус Јоханис

Централното изборно биро на Романија соопшти дека во вториот круг од претседателските избори победи актуелниот претседател Клаус Јоханис со освоени 66,5 отсто гласови, а неговата противничка Виорика Данчила остана на 33,5 отсто гласови

1311630
На претседателските избори во Романија победи актуелниот претседател Клаус Јоханис

Во вториот круг од претседателските избори во Романија коишто се одржаа вчера, победи актуелниот претседател Клаус Јоханис.

Откако во првиот круг на одржаните претседателски избори на 10 ноември ниту еден од кандидатите не можеше да освои 50 отсто плус еден глас во вториот круг што се одржа вчера се натпреваруваа двајцата кандидати со најголем број освоени гласови, лидерот и кандидат на Националната либерална партија (ПНЛ) воедно и актуелен претседател Клаус Јоханис и кандидатката на Социјалдемократската партија (ПСД) и досегашна премиерка Виорика Данчила.

Според соопштените нецелосни и неофицијални резултати од страна на Централното изборно биро, во вториот круг од изборите актуелниот претседател Клаус Јоханис освои 66,5 отсто, а неговата противничка Виорика Данчила 33,5 отсто од гласовите на романските бирачи.

Во вториот круг од претседателските избори во Романија кадешто се регистрирани приближно 18 милиони бирачи со право на глас, гласаа повеќе од 9 милиони бирачи.

Актуелниот романски претседател Клаус Јоханис во својата прва дадена изјава својата извојувана победа ја оцени како придобивка за Романија и го рече следното: „Денеска, победи Европска, модерна Романија. По оваа извојувана победа има многу работи коишто треба да направиме, и многу работи коишто треба да се поправат.“

Во првиот круг од одржаните претседателски избори, Клаус Јоханис освои 39 отсто, а неговата проитивничка Виорика Данчила 22,5 отсто од гласовите на романските бирачи.



Слични вести