Средба на земјите од Западен Балкан во Охрид, Северна Македонија, посветена на регионалната соработка

На состанокот учествуваа премиерот на Северна Македонија З. Заев, премиерот на Албанија Е. Рама, претседателот на Србија А. Вучиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Д. Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора Д. Секулиќ

1303710
Средба на земјите од Западен Балкан во Охрид, Северна Македонија, посветена на регионалната соработка

Лидерите на земјите од Западен Балкан се состанаа вчера на регионална средба во Охрид, во Северна Македонија за да дискутираат за развивање на регионалната соработка со елиминирање на сите препреки за слободно движење на луѓе, стока, услуги и капитал.

На состанокот учествуваа премиерот на Северна Македонија воедно и домаќин на овој собир Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора Драгица Секулиќ.

Лидерите на земјите од Западен Балкан исто така одржаа и пленарна сесија со претставници на Европската Унија (ЕУ), Советот за регионална соработка, Светската банка, Европската банка за обнова и развој и со Европската инвестициска банка.

По средбата се одржа заедничка прес конференција на која домаќинот премиерот на Северна Македонија Зоран Заев истакна дека современ Балкан е сон на граѓаните, додавајќи дека состанокот има за цел да обезбеди подобар живот за граѓаните од сите држави од Западен Балкан.

Заев рече: „Акциониот план предвидува непрекинато работење 7 дена 24 часа на нашите граници и ќе обезбеди движење со лична карта на сите граѓани од целиот овој регион. Ќе обезбеди услови за брз премин на камионите низ нашите гранични премини и меѓусебно признавање на сите документи од делот на Агенциите за храна и ветеринарство.“

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев воедно додаде дека ова е прва иницијатива преземена од самите земји од Западен Балкан.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека ова е многу значајна иницијатива и дека за многу кусо време е  постигнат договор во однос на многу значајни прашања.

Премиерот на Албанија Еди Рама пак, нагласи дека оваа иницијатива претставува иницијатива на регионалните земји. 

Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ истакна дека неговата земја не учествуваше во точката на подготвување и презентација на оваа иницијатива и напомена дека затоа нема дефинитивен консензус и став во оваа насока.

Звиздиќ додаде дека ставот на Босна и Херцеговина би можел да биде познат на следниот состанок.

Министерката за економија на Црна Гора Драгица Секулиќ пак, рече дека секоја иницијатива за регионална економска соработка во Црна Гора се проценува во насока на тоа дали го забрзува или не процесот на интеграција на земјата во ЕУ и кои се придобивките за граѓаните и економијата.

Следниот состанок на лидерите на земјите од Западен Балкан ќе се одржи идниот месец во градот Драч во Албанија.



Слични вести