Амбасадата на Турција во Скопје приреди прием по повод 29 Октомври Празникот на Републиката

На почетокот на приемот беа интонирани химните на двете земји, беше прочитана пораката на претседателот на Турција Реџеп Таjjип Ердоган, а свое обраќање како домаќинка имаше и амбасадорката на Турција во Скопје Тулин Еркал Кара

1297411
Амбасадата на Турција во Скопје приреди прием по повод 29 Октомври Празникот на Републиката

Амбасадата на Турција во Скопје приреди прием по повод 29 Oктомври – Денот на прогласувањето на Република Турција пред 96 години.

На приемот кој беше приреден од страна на амбасадорката на Турција во Скопје Тулин Еркал Кара, присуствуваа претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери, поранешниот претседател на државата Ѓеорѓе Иванов, поглаварот на Исламската верска заедница на Северна Македонија (ИВЗ) Сулејман Реџепи, министри, пратеници, политичари, муфтии, претставници на турските организации и институции во земјата, бизнисмени, градоначалници како и голем број поканети гости.

На почетокот на приемот беа интонирани химните на двете земји, а беше прочитана и пораката на претседателот на Турција Реџеп Таjjип Ердоган.

Амбасадорката Тулин Еркал Кара, во обраќањето пред присутните, истакна дека Република Турција е основана на 29 октомври 1923 година како резултат на пожртвуваноста на турскиот народ кој победи во Војната за независност.

„Нашата земја со моќта која ја добива од народот и со посветеноста кон мислата на Ататурк која вели „Мир во земјата, мир во светот", дава придонес во продолжувањето на мирот и стабилноста на регионално и глобално ниво“, рече таа.

Амбасадорката Кара истакна дека со операцијата „Извор на мирот" која Турција ја реализира во согласност со меѓународното право, ја осигурува безбедноста на границите, исчистувајќи го регионот од терористичките организации создава соодветна средина за враќање на раселените Сиријци.

„Турција која угости околу 4 милиони Сиријци, дава придонес во намалувањето на притисокот на мигрантскиот тек на Балканот и во Европа“, додаде Кара.

Според неа, Турција и во наредниот период со решителност ќе ја продолжи својата борба против тероризмот, и покрај тоа што, како што рече таа, не ја добиваат солидарноста која ја посакуваат од своите пријатели.

Кара нагласи дека меѓу Турција и Северна Македонија постојат вкоренети, историски, културни и хуманитарни врски, и додаде:

„Потполно верувам дека нашите односи и соработка со Северна Македонија уште повеќе ќе се развијат врз основа на меѓусебна корист, преку посети на високи претставници кои ќе се реализираат во наредниот период. Нашата земја, како што беше досега, и понатаму ќе продолжи силно да го поддржи развојот, просперитетот и стабилноста на Северна Македонија, како и нејзината интеграција во евро-атлантските институции“.

Во својот говор Кара рече дека при крај е нејзиниот мандат како амбасадорка во Северна Македонија, информирајќи дека приоритет за време на нејзиниот мандат биле развојот на односите меѓу двете земји, изнаоѓање решенија за проблемите на турската заедница во Северна Македонија заедно со локалните власти, како и борбата против присуството на терористичката организација ФЕТО во земјата.

Амбасадорката на Турција во Скопје Тулин Еркал Кара истакна дека се сеќаваат на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, неговите соборци, како и сите загинати херои (шехиди) и ветерани (газии) кои се бореле за заштита на татковината.

По повод 96-годишнината од прогласувањето на Република Турција, свечен прием е приреден и во амбасадите на Турција во Албанија и во Косово. (Anadolu Agency-AA)



Слични вести