Политичките партии во Северна Македонија се договорија: На 12 април ќе се одржат предвремени избори

Лидерската средба на парламентарните политички партии во Северна Македонија на која беше договорено на 12-ти април да се одржат предвремени парламентарни избори беше свикана од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски

1291755
Политичките партии во Северна Македонија се договорија: На 12 април ќе се одржат предвремени избори

Лидерите на парламентарните политички партии во Република Северна Македонија на лидерската средба се договорија на 12-ти април да се одржат предвремени парламентарни избори.

Лидерската средба беше свикана од претседателот на државата Стево Пендаровски, а на неа присуствуваа претседателите на политичките партии од власта и опозицијата, вклучувајќи го премиерот на Северна Македонија и воедно претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, претседателот на Демократската унија за интеграции (ДУИ) Али Ахмети, претседателот на АлтернАтивА Африм Гаши, претседателот на Алијансата за Албанците Зиадин Села, претседателот на Движењето БЕСА Билал Касами и претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА) Мендух Тачи.

На средбата се разговараше за одлуките на Советот на Европската Унија (ЕУ) и предвремените парламентарни избори што ги најави премиерот Зоран Заев.

Во изјавите за медиумите по средбата, претседателите на политичките партии рекоа дека во однос на одредување на датумот за предвремени парламентарни избори, го имале предвид почитувањето на законот, којшто предвидува формирање на техничка влада 100 дена пред датумот на одржување на изборите.

Тие исто така рекоа дека внимавале и на процесот на членство на Северна Македонија во НАТО. Во оваа насока, тие рекоа дека е неопходно Собранието на Северна Македонија да биде функционално и да може да го ратификува пристапниот протокол откако тој ќе се ратификува од сите земји членки на НАТО.

Досега, 24 од 29-те земји членки на НАТО го ратификуваа протоколот, а лидерите очекуваат преостанатите 5 држави да завршат со процесот на ратификување во наредните месеци.

Лидерите исто така рекоа дека запазиле датумот на изборите да не се совпаѓа со христијански или исламски празник, двете најголеми верски заедници во Северна Македонија, имајќи предвид дека во април се прославува Велигден, но се означува и почетокот на светиот месец Рамазан.

„Постигнавме консензус, сите сме согласни за 12-ти април. Нека им е со среќа на сите граѓани, нека ѝ е со среќа на нашата земја. Верувам дека на 12-ти април граѓаните мудро ќе донесат одлука“, рече премиерот Заев.

„Следуваат предвремени парламентарни избори. На тие предвремени парламентарни избори победува обновата на Македонија, а потоа засукување ракави и работа, работа и безкомпромисна работа секој ден", рече претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Додека дискутиравме и ги исцрпивме сите аргументи, сите заедно одлучивме 12-ти април да биде датумот на кој што ќе се одржат изборите“, истакна претседателот на Демократската унија за интеграции (ДУИ) Али Ахмети.

„Врз основа на ова, дојдовме до еден датум за којшто сите се договоривме. Верувам дека 12-ти април ќе биде празник и пресвртна точка за граѓаните на [Северна] Македонија, но и промена за Албанците“, рече Африм Гаши, претседателот на АлтернАтивА.

„Заедно се договоривме на 12-ти април да одиме на предвремени парламентарни избори. Ги поканувам сите луѓе да се мобилизираат и на 12-ти април заеднички да ја донесат тука потребната промена и демократија во албанското општество“, рече Зијадин Села, претседателот на Алијансата за Албанците.

„Сека е најповолниот момент граѓаните да покажат каква е нивната понатамошна ориентација, и таа ориентација е без сомнение евроатлантската ориентација“, рече претседателот на Движењето БЕСА Билал Касами.

„Постигнавме договор предвремените избори да се на 12-ти април. Претходно имаше предлог од премиерот изборите да бидат во декември, потоа се разгледа можноста за ратификување на договорот од страна на шпанското Собрание и ние треба да го имаме Собранието за да го ратификува овој договор“, рече претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА) Мендух Тачи.

Лидерите на политичките партии исто така го потврдија својот став дека продолжуваат да го следат патот на европската интеграција, без оглед на одлуката на Советот на Европската Унија (ЕУ) да не ги започне преговорите за членство со Северна Македонија, што претходно во прес-конференција го соопшти и претседателот Пендаровски. (Anadolu Agency-AA)



Слични вести