Средба на претседателот на Северна Македонија Пендаровски со државниот секретар на САД Помпео

Пендаровски истакна дека посетата на државниот секретар на САД Мајк Помпео во исклучително важен период за Северна Македонија е потврда за пријателството меѓу САД и Северна Македонија, засновано на заедничките вредности за мир, слобода и демократија

1282376
Средба на претседателот на Северна Македонија Пендаровски со државниот секретар на САД Помпео

Вчера во претседателската вила „Билјана“ во Охрид, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски го прими Мајк Помпео, државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД).

Според соопштението на Кабинетот на претседателот на државата, Пендаровски рече дека посетата на државниот секретар на САД Помпео во исклучително важен период за Северна Македонија е потврда за пријателството меѓу САД и Северна Македонија, засновано на заедничките вредности за мир, слобода и демократија.

„САД се нашиот стратешки партнер уште од нашата независност, а американската поддршка беше клучна во одбранбените реформи и трансформацијата на нашата Армија, со цел исполнување на критериумите за членство во НАТО. Преку програмите за развој, САД ни помогнаа во зајакнувањето на институциите, владеењето на правото, реформите на судството, зајакнувањето на граѓанскиот сектор и медиумите, како и во поддршката на поволна бизнис-клима за трговска размена меѓу двете земји“, истакна Пендаровски, се вели во соопштението.

Се нагласува дека Пендаровски се заблагодари за постојаната поддршка од САД и во периодите кога земјата ги решаваше тешките прашања за внатрешната стабилност, како и за постигнувањето на компромис за деценискиот спор за прашањето за името, во духот на добрососедството и регионалната соработка.

„Северна Македонија ќе продолжи со тесната соработка со САД. Сметам дека е неопходна зголемена американска поддршка во претстојниот период, во кој Северна Македонија треба да стане 30. членка на НАТО и да ги започне пристапните преговори за членство во Европската Унија“, додаде Пендаровски.

Исто така, се истакнува дека Помпео се заблагодари за топлото добредојде во Северна Македонија која ја посетува во рамки на посетата на Италија, Црна Гора и Грција.

Тој потврди дека американската поддршка во продлабочувањето на пријателството меѓу двете земји ќе продолжи и во иднина, што е значајно не само за Северна Македонија туку и за стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Државниот американски секретар Помпео вчера пристигна на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, со што ја започна официјалната посета на Северна Македонија. На аеродромот во Охрид, Помпео беше пречекан од министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.

Помпео вчера во текот на денот се состана и со премиерот на Северна Македонија , Зоран Заев.

По завршувањето на средбата, Помпео и премиерот Заев дадоа заедничка изјава за медиумите.

Американскиот државен секретар во Охрид пристигна по посетата на Црна Гора. Претходно, Помпео ја посети Италија, каде што оствари средби со претставниците на државниот врв на земјата.

Помпео од Северна Македонија замина за Атина, Грција. (Anadolu Agency-AA)



Слични вести