Средба меѓу премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и американскиот државен секретар Мајк Помпео

Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД) Мајк Помпео во Охрид се состана со премиерот на Северна Македонија Зоран Заев со кого потоа одржаа и заедничка прес-конференција

1282392
Средба меѓу премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и американскиот државен секретар Мајк Помпео

Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД) Мајк Помпео, во рамките на својата официјална посета на Северна Македонија, во Охрид се состана со премиерот Зоран Заев, при што истакна дека САД ќе продожат да бидат партнер на Северна Македонија за доброто на нејзините граѓани, за доброто на регионот и за доброто на светот.

По средбата помеѓу премерот Заев и американскиот државен секретар Помпео, беше одржана заедничка прес-конференција.

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, на прес-конференцијата истакна дека посетата на американскиот секретар Помпео е, како што рече, силен сигнал за континуираната поддршка на Соединетите Американски Држави за Северна Македонија и за нејзините евроатлантски интеграции.

Заев истакна дека членството на Северна Македонија во НАТО е историска цел и голема придобивка, не само за државата, туку и за зајакнување на безбедноста, слободата и демократскиот просперитет за целиот регион. Премиерот на Северна Македонија информираше дека досега пристапниот Протокол за членство на Северна Македонија во НАТО го ратификувале 22 земји членки на Алијансата.

„Северна Македонија е уникатна земја во регионот затоа што нема отворени билатерални прашања со ниту еден свој сосед. Договорите со Бугарија и со Грција беа историски одлуки и пресудни чекори за нашите стратешки цели, членство во НАТО и ЕУ. За десетина дена ја очекуваме долгоочекуваната вест од Брисел, отворање на преговорите за членство во ЕУ. Верувам дека добрата вест од Брисел ќе влијае позитивно врз целиот регион и дека ќе биде испратена порака дека Западен Балкан е интегрален дел од Европа“, рече Заев, и истакна:

„Сакам да нагласам дека стабилен балкански регион е од интерес за ЕУ, геополитички, безбедносно и економски, и во овој контекст оваа посета е охрабрување од САД и е од огромно значење за нас.“

Американскиот државен секретар Помпео во своето обраќање рече дека му претставува задоволство што престојува во Северна Македонија, во период кога се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи на САД со оваа држава. Исто така, Помпео потсети дека тој е првиот американски секретар, кој ја посетува Северна Македонија по 2001 година.

Помпео ја поздрави посветеноста на Северна Македонија кон членството во НАТО, изразувајќи уверување дека Сенатот на САД ќе го одобри Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.

Американскиот државен секретар го поздрави и како што рече, историскиот Преспански договор, кој минатата година беше постигнат помеѓу Северна Македонија и Грција со што се реши спорот околу името, истакнувајќи дека овој договор ќе служи како подобра основа за поблиски економски врски меѓу народите од двете држави, а исто така го поздрави и постигнувањето на Договорот за пријателство и добрососедство помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

Помпео рече дека борбата против корупцијата е од исклучителна важност за присоединувањето на Северна Македонија кон ЕУ и НАТО, дека пред сѐ тоа е важно за секоја држава, укажувајќи и на, како што рече, важноста на „борбата против лошите влијанија“.

„Срцата и умовите на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата напред, а не руските ботови и тролови на социјалните медиуми. Од голема важност е и нашата економска соработка, со цел да се одржи импресивната посветеност на САД на Северна Македонија кон економската слобода, која е од голема важност. Исто така, како што тоа го сторив и на друго место во Европа, би сакал да ве предупредам за инвестициите на Кина во чувствителни технологии и нејзината стратегија за подмитување при обезбедување на договори за инфраструктура“, истакна Помпео.

Државниот американски секретар Помпео вчера пристигна на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, со што ја започна официјалната посета на Северна Македонија.

На аеродромот во Охрид, Помпео беше пречекан од министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, а потоа се состана со претседателот на државата Стево Пендаровски, во претседателската вила „Билјана“, во Охрид.

Во рамките на посетата на државата, Помпео го посети и манастирскиот комплекс „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид. (Anadolu Agency (AA)



Слични вести