Република Северна Македонија одбележува 28 години од својата независност

По прогласувањето на независноста на 8 септември 1991 година, државноста на Македонија меѓу првите држави ја признаа Турција и Бугарија, како и Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина, а потоа и други држави

1265914
Република Северна Македонија одбележува 28 години од својата независност

Република Северна Македонија одбележува 28 години од својата независност, како држава која се наоѓа на чекор пред влез во НАТО и во исчекување на датум за почнување на преговори за членство во Европската Унија (ЕУ).

Распадот на Социјалистичката Федеративна Република Југославија настана како резултат на низа политички немири и судири во почетокот на деведесеттите години од 20 век.

Откако поранешната држава СФР Југославија се распадна, се формираа самостојни држави, меѓу кои и тогашната Република Македонија, денес Република Северна Македонија, која одбележува 28 години самостојност и независност, по успешно спроведениот референдум што се одржа на 8 септември 1991 година, а на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Над 95 проценти од граѓаните што излегоа на референдумот позитивно одговорија на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првиот повеќепартиски македонски Парламент. Како важен чекор за државата следуваше усвојувањето на новиот Устав, на 17 ноември 1991 година.

По прогласувањето на независноста, државноста на Македонија меѓу првите држави ја признаа Турција и Бугарија, како и Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина, а потоа и други држави.

По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, Киро Глигоров беше избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија, на 27 јануари 1991 година.

Државата монетарно се осамостои со воведувањето на денарот, на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија, која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на Светската организација.

Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија (БЈРМ/FYROM).

- Преговорите со Грција за решавање на спорот за името -

Низ текот на годините преговорите за решавање на проблемот со името со Грција одвреме-навреме продолжуваа и престануваа, а се обновија по промената на власта во земјава, кога во 2017 година на власт дојде Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), предводен од актуелниот премиер Зоран Заев. Преговорите помеѓу Скопје и Атина се актуализираа по првата средба на премиерот Заев со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, за време на Самитот во Давос во јануари 2018 година.

По одржувањето на преговорите за решавање на спорот за името кои се водеа под покровителство на Обединетите нации (ОН) беше постигнат Преспанскиот договор (Договор за решавање на спорот за името и стратешко партнерство). Договорот беше потпишан во месец јуни во 2018 година на грчката страна од Преспанското Езеро.

Според Договорот, Македонија го смени своето име од Република Македонија во Република Северна Македонија, а по потпишувањето на Договорот следуваа чекорите на неговото спроведување како што се одржувањето референдум во Северна Македонија, кој се одржа во септември минатата година. Потоа во Собранието беа изгласани уставните измени со двотретинско мнозинство, со цел промена на уставното име.

Исто така, Договорот беше ратификуван и во Парламентот на Грција, а потоа следуваа и наредните фази предвидени од Договорот и унапредување на односите на овие две соседни земји, кои со Преспанскиот договор го решија повеќедеценискиот спор и отвореното прашање кое беше бариера за евроатлантските интеграции на земјата.

- Патот кон НАТО -

Членството во најголемиот воено-политички сојуз во светот, НАТО, во изминатите години е стратешка цел на земјата. Во 1999 година, на Самитот во Вашингтон, Македонија стана кандидат за полноправно членство во НАТО.

Откако стана кандидат за членство во НАТО, земјата најблиску до влезот во оваа Алијанса беше на Самитот кој се одржа пред 11 години во Букурешт. Тогаш, во 2008 година, Македонија беше оценета дека е целосно подготвена да ја добие поканата, но Грција го употреби правото на вето и го услови влезот на Македонија со решавање на деценискиот спорот за името, што беше најголемата пречка во процесот на зачленување.

По постигнувањето на Преспанскиот договор се отворија вратите на земјата за членство во Алијансата. Во јули минатата година, Македонија доби покана од НАТО за почеток на пристапните преговори.

Земјите членки на НАТО во февруари годинава го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. За да стане полноправна земја членка на НАТО, Протоколот за пристапување треба да биде ратификуван во парламентите на сите членки на Алијансата.

- Членството во ЕУ како стратешка цел -

Исто така, и членството во ЕУ за Северна Македонија е врвен приоритет. Спогодбата за стабилизација и асоцијација која ги регулира односите на земјата со Европската Унија беше потпишана на 9 април 2001 година.

Во 2005 година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Унијата.

Грција, по примерот со НАТО, го блокираше и процесот на интегрирање на Македонија во ЕУ, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името. Сега, откако е постигнат Договорот за решавање на спорот за името останува земјата да ги спроведе потребните реформи кои ги посочува Европската комисија во годишните извештаи, со цел да постигне прогрес во евроинтегративниот процес.

Освен Договорот за решавање на спорот за името со Грција, во август 2017 година беше потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и нејзиниот источен сосед Бугарија. Договорот има за цел да ја развие соработката меѓу двете соседни земји, како и да се дојде до усогласување на одредени прашања од историјата.

По 28 години независност на Република Северна Македонија, членството во ЕУ и НАТО останува стратешка цел на државата. Според најавите на официјалните владини претставници, земјата очекува да стане дел од НАТО до крајот на оваа година, а во однос на почнувањето на преговорите за членство во ЕУ, европските високи претставници најавуваат дека ваквата одлука би можела да биде донесена во месец октомври оваа година. (Anadolu Agency-AA)



Слични вести