Осумнаесет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во Северна Македонија

Рамковниот договор, познат и како Охридски договор, беше потпишан меѓу најголемите политички партии во земјата и специјалните претставници на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).

1252140
Осумнаесет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во Северна Македонија

Во Република Северна Македонија се навршуваат 18 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во земјата и се поставија рамки за меѓуетнички соживот.

Воениот конфликт во Република Северна Македонија од 2001 година започна на почетокот од годината, меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Северна Македонија. Конфликтот продолжи во поголемиот дел од 2001 година, а заврши со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во август истата година, со којшто беа унапредени правата, првенствено на Албанците, но и на другите немнозински етнички заедници во земјата (Турци, Бошњаци, Срби, Власи и Роми).

Преговорите започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот, кој беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција во Скопје.

Рамковниот договор, познат и како Охридски договор, беше потпишан меѓу најголемите политички партии во земјата и специјалните претставници на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).

Преговорите кои траеја околу два месеца во градот Охрид, се одржаа под покровителство на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, додека Договорот беше потпишан од страна на тогашните лидери на политичките партии, Бранко Црвенковски, лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Арбен Џафери, лидер на Демократската партија на Албанците (ДПА), Љупчо Ѓеоргиевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ и од Имер Имери, лидер на Партијата за демократски просперитет (ПДП).

Потписници на Договорот, во својство на гаранти, беа и специјалниот претставник на ЕУ Франсоа Леотар и специјалниот претставник на САД Џејмс Пердју кои учествуваа во преговорите.

Во годините наназад, од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор донесени се над 130 закони, законски измени и дополнувања, од кои најголем дел се закони за недискриминација и правична застапеност, а дел од нив се во сферата на идентитетот, културата, образованието и децентрализацијата на власта.

Во март минатата година, Собранието на Република Северна Македонија го донесе и Законот за унапредување на јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници кои го изгласаа со 24 гласа.

Со Законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централните институции, јавните претпријатија, агенциите, дирекциите, установите и организациите, комисиите, правните лица кои вршат јавни овластувања согласно законите и во други институции, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо (во случајов, албанскиот јазик).

Правичната застапеност на припадниците на етничките заедници во јавните институции е исто така сегмент од Рамковниот договор, чие целосно имплементирање го бараат политичките лидери на етничките заедници.

Според Годишниот извештај за 2018 година на Министерството за информатичко општество и администрација на Република Северна Македонија во институциите на јавниот сектор, од 112.164 вработени, 83.993, односно 74,88% се Македонци; 22.060, односно 19,67% се Албанци; 2.110, односно 1,88% се Турци; 1.355, односно 1,21% се Роми; 1.019, односно 0,91% се Срби; 754, односно 0,67% се други или не се изјасниле; 450, односно 0,40% се Бошњаци; 423, односно 0,38% се Власи. 

За споредба во Извештајот од Регистарот на вработени за 2017 година состојбата била следна: 82.374, односно 75,36% се Македонци; 21.112, односно 19,31% се Албанци; 2.012, односно 1,84% се Турци; 994, односно 0,91% се Срби; 1.245, односно 1,14% се Роми; 429, односно 0,39% се Бошњаци; 408, односно 0,37% се Власи, а 730, односно 0,67% се други или не се изјасниле. 

По 18 години од потпишувањето на Охридскиот договор, мислењето на експертската и пошироката јавност во врска со договорот е поделено. 

За едни овој договор придонесе за изградба на мултиетничка Северна Македонија, ги гарантираше и ги унапреди правата на помалобројните етнички заедници, додека други сметаат дека треба уште многу да се работи на неговото спроведување.

Во контекст на спроведувањето на Договорот, вреди да се напомене дека е основан и Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор основан во 2004 година, кој е дел од Владата на Република Северна Македонија. 

Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор има задача да го спроведе целосно Охридскиот рамковен договор. (Anadolu Agency-AA)



Слични вести