Мустафа Шентоп: Турција наскоро ќе го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО

Претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп рече: „Во моментов во турскиот Парламент на дневен ред е оваа регулатива (протокол) и откако ќе биде завршена, во најкусо време, со одлука на Парламентот ќе биде ратификувана“

1227323
Мустафа Шентоп: Турција наскоро ќе го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО

Претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп истакна дека Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО во моментов е на дневен ред во турскиот Парламент и дека наскоро ќе биде ратификуван.

Шентоп ова го истакна за време на обраќањето на манифестацијата со која беше отворен 5. Интернационален конгрес на социјални науки на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ).  Конгресот се одржува под покровителство на претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп.

Поддршка на Конгресот чиј домаќин е Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) дадоа голем број институции и организации, а на него присуствуваат претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (TBMM) Мустафа Шентоп, заменик-претседателот на Собранието на Турската Република Северен Кипар Зорлу Торе, министерот за култура на Република Северна Македонија Хусни Исмаили, министерот за јавна администрација на Република Косово Махир Јагџилар, виш советник во Големото Народно Собрание на Турција (ТББМ) д-р Неџип Фазил Курт, амбасадорката на Република Турција во Северна Македонија Тулин Еркал Кара, претставници на турските институции и организации во земјата и голем број гости.

„Би сакал да ви ги пренесам поздравите од цела Турција и од претседателот Ердоган, чии срца чукаат заедно со вашите“, рече претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп започнувајќи го своето обраќање.

Тој истакна дека со завршувањето на Студената војна во човештвото се вратил оптимизмот, но тој оптимизам не се реализирал и може да се забележи дека во сите подрачја од светот се случуваат судири кои се базираат врз етнички и верски основи, додавајќи дека и Балканот бил дел од тоа.

Шентоп истакна дека судирите кои се засновани врз база на глобални немири од една страна и експанзијата на омразата кон странците од друга страна, претставуваат закана за заедничката иднина на човештвото, труејќи ја средината на заедничко живеење. Тој обраќањето го продолжи со зборовите:

„Денес во светот можеме да зебележиме дека се надминати вредностите како што се демократија, мнозинство, соживот и почит кон различностите, а во експанзија е говорот на маргинализирање, исклучување и непријателство. Ваквата состојба претставува опасност за човештвото и треба што е можно порано да се запре оваа закана. Отстранувањето на оваа закана е заедничка должност на човештвото.“

Истакнувајќи дека историските и националните вредности не треба да се гледаат како инспирација за омаловажување или поигрување со другите нации, Шенпоп рече дека на заедничкото минато не треба да се гледа како причина за борба, туку како на причина за средба.

„Гледајќи кон пријателството и соработката меѓу Турција и Северна Македонија, со радост можеме да видиме дека споменатото е показател на тоа. Како дел од тоа пријателство, Турција изјави дека го поддржува членството на Северна Македонија во НАТО. Во моментов во турскиот Парламент на дневен ред е оваа регулатива (протокол) и откако ќе биде завршена, во најкусо време, со одлука на Парламентот ќе биде ратификувана“, рече Шентоп.

- „Турција е земја на луѓе кои се гордеат со својата историја и минато“ 

Во своето обраќање претседателот на Големото Народно Собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп истакна дека Турција е земја на луѓе кои се гордеат со својата историја и минато.

„Постојат две причини за нашата гордост. Првенствено, ние сме претставници на една нација која во минатото постигнала победи кои можат да се извојуваат само со храброст. Како второ, ние сме деца на нација која во различни периоди од историјата не покажала став надвор од хуманоста кон народите со кои живеела, не вршела тиранија и не спроведувала геноцид врз народите со кои живеела и со кои управувала. Убедени сме во себе и нашата историја, и не е прифатлива ниту најмала девијација на таа тема", рече Шентоп и додаде:

„Понекогаш можеме да забележиме дека различни земји прават грешки, изјавувајќи дека во минатото Турција спроведувала тиранија или вршела геноцид. Тоа одлучно и категорично го отфрламе. Оние кои го тврдат тоа, не се пријатели на Турција и оние кои сакаат да бидат пријатели со Турција, не можат да излезат со вакви тврдења. Покрај тоа, бевме зачудени што одвреме-навреме, земјите кои излегуваат со таквите тврдења, во нивното блиско или далечно минато имале многу проблематични периоди и случаи. Во таков случај најдобриот одговор го дава една руска народна поговорка, која вели ’Ако дома седиш пред прозорец, не треба да фрлиш камен кон прозорецот на друг‘.“

Министерот за култура на Република Северна Македонија д-р Хусни Исмаили во своето обраќање истакна дека меѓу државите и народите на Северна Македонија и Турција постојат цврсти пријателски и братски врски, потсетувајќи дека Турција била првата земја која ја призна независноста на земјата.

„Застана покрај нас во сите наши стратешки цели и не ја изостави својата поддршка ниту на полето на политиката, дипломатијата, економијата, одбраната, клутурата и хуманитарната помош“, изјави д-р Исмаили, додавајќи дека едни од најзначајните симболи на моќната врска меѓу Северна Македонија и Турција претставуваат Амбасадата на Република Турција во Скопје, ТИКА, Институтот „Јунус Емре“, Anadolu Agency (AA), Турската радио и телевизија ТРТ и останатите голем број турски институции во Северна Македонија кои го даваат својот придонес во зајакнувањето на врските меѓу двете земји.

Велејќи дека Универзитетот ИБУ претставува една од најзначајните инвестиции на Турција во Северна Македонија, Исмаили истакна дека Турција ја презела врз себе исклучително важната задача да биде мост во односите меѓу земјите од целиот Балкан, првенствено со Северна Македонија. 

„ИБУ е центар на науката во регионот“

Амбасадорката на Рупублика Турција во Северна Македонија Тулин Еркал Кара изјави дека Универзитетот ИБУ претставува  кулминација на вкоренето пријателство меѓу Турција и Северна Македонија, посочувајќи дека Универзитетот успешно ја вклучил соработката на образовно поле во поголемото зацврстување на веќе цврстите врски меѓу двете земји и има за цел со образовање нови генерации да го даде својот придонес во просперитетот на народите на Балканот и на Северна Македонија.

На Конгресот се обрати и Ајдован Адемоски, претседател на Управниот одбор на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), кој истакна дека денешниот ден е од големо значење за Универзитетот ИБУ, додавајќи дека на Конгресот, на кој учествуваат околу 500 учесници, ќе се дискутира за повеќе теми кои се на светската агенда.

„Денес Меѓународниот балкански универзитет уште еднаш докажа дека е центар на науката во поширокиот регион, а не само во Северна Македонија", рече тој.

Во рамките на програмата на Конгресот, свое обраќање имаа и заменик-претседателот на Парламентот на Турската Република Северен Кипар Зорлу Торе и ректорот на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем.

На сите говорници по нивните обраќања им беа доделени плакети. (Anadolu Agency-AA)



Слични вести