Скопје домаќин на состанокот на Конституенцата на ММФ и СБ

„Едно од клучните прашања се како до побрз и до поинклузивен раст“ рече гувернерката Бежоска

1224331
Скопје домаќин на состанокот на Конституенцата на ММФ и СБ

Република Северна Македонија е домаќин на состанокот на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), во чии рамки во Скопје се одржа дискусија на темата „Како до поправеден систем за сите“, јавува Anadolu Agency (AA).

На настанот учествуваат високи претставници на ММФ и СБ, како и гувернери на централни банки, кои разговараа за сѐ поголемата нееднаквост во доходот, факторите коишто го предизвикуваат овој тренд, долгорочните и краткорочните последици од тоа врз економскиот раст, но и во повеќе други сегменти од општеството и инструментите и политиките коишто им стојат на располагање на носителите на политиките.

Воведно обраќање на настанот имаше премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, кој го изрази своето задоволство од присуството на бројните учесници на состанокот. Заев истакна дека Владата на оваа земја преку спроведување економски реформи и успешни фискални политики изминативе две години на дело покажала дека е посветена на градење праведно општество со еднакви можности и силна економија која ќе отвора шанси за сите.

Потпретседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Кирил Милер, во своето обраќање на отворањето на настанот истакна дека сите земји членки на Конституенцата ќе имаат повисок економски раст од регионалниот просек, а како што рече, најголем напредок во реформите имаат постигнато Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

По поздравните обраќања на состанокот, во изјава за медиумите, министерот за финансии на Северна Македонија, Драган Тевдовски, рече дека овој настан е најголем во областа на финансиите што некогаш се одржал во земјава. Тој додаде дека темата која се однесува на состанокот, односно како да се направи капитализмот да биде добар за сите, целосно се совпаѓа со приоритетите на Владата која има програма, чија цел е животниот стандард да расте за мнозинството граѓани и да се намалува нееднаквоста.

„Ние досега презедовме многу различни чекори. Во основа, водиме фискална консолидација, го средивме системот на финансии во земјава, а од друга страна, не само што успеавме да го стабилизиравме јавниот долг, туку водиме политики кои овозоможија практично да се постигнат нашите главни цели. Со праведното оданочување обезбедивме дополнителни средства, со коишто многукратно ги зголемивме социјалните трансфери на најранливите граѓани. Ние сме првата земја во регионот која има минимален адекватен приход, први на Балканот воведовме такво нешто. Потоа, еден од главните приоритети ни е да растат платите, а во 2018 година платите растеа речиси со 6 проценти, што е многу повисок од целиот период“, истакна Тевдовски.

Гувернерката на Народна банка на Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, изјави дека е чест и задоволство што во Скопје присуствуваат високи претставници од ММФ и СБ, како и претставници од централно-банкарската заедница, десетина гуверенри и повеќе министри за финансии, што, според неа, е и добра основа за квалитетни и релевантни дискусии.

„Темата, како што знаете, е како до поправедно општество, до поправеден систем за сите. Во последната деценија, едно од клучните прашања се како до побрз, но и до поинклузивен раст, бидејќи трендовите кои се присутни во овој период упатуваат на забавување на глобалниот раст. Не само што забавува фактичкиот економски раст, туку забавува и потенцијалниот раст на економиите, а сето тоа е водено и со растечка нееднаквост, која се случува во глобални рамки“, рече Бежоска.

„Ова е одлична можност да ја изразиме нашата поддршка за Северна Македонија и да ги пофалиме реформите кои се случуваат. Владата има амбициозна реформска агенда и можат да се забележат резултати, не само политички резултати, бидејќи изгледите за земјата за влез во НАТО и во ЕУ се подобрени, туку и на економско ниво, преку бизнисот, деловното опкружување, образованието, и ние пружаме поддршка за сите овие процеси“, изјави извршниот директор на ММФ, Ентони де Ланој.

Кун Дависе, директор во СБ задолжен за Конституенцата за медиумите, изјави дека состанокот во Скопје е одлична можност да се разговара за важни теми една година по Преспанскиот договор.

„Преспанскиот договор не беше важен само на политичко ниво, туку и на економско ниво. Тој придонесува за зголемување на довербата за креирање нови можности. Владата, навистина, вложи и во човечкиот капитал и во приватните компании, но и во одржливоста“, рече Дависе, кој додаде дека СБ неодамна склучила повеќегодишна програма со Северна Македонија за да ги поддржи реформите и инвестициите во човечкиот капитал.

Тридневниот состанок на Конституенцата кој започна вчера во Скопје, завршува утре со посета на Охрид.

Во Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), покрај Холандија, Белгија и Северна Македонија, членуваат и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора.



Слични вести