Потпишан протокол за соработка помеѓу архивите на Северна Македонија и Турција

Протоколот е продолжување на веќе постоечката соработка со Дирекцијата на државните архиви при Претседателството на Република Турција и ќе биде валиден во наредниот период од една година

1222910
Потпишан протокол за соработка помеѓу архивите на Северна Македонија и Турција

Државниот архив на Република Северна Македонија (ДАРСМ) денес потпиша Протокол за соработка со Дирекцијата на државните архиви при Претседателството на Република Турција.

Протоколот е продолжување на веќе постоечката соработка со Дирекцијата на државните архиви при Претседателството на Република Турција и ќе биде валиден во наредниот период од една година. 

На потпишувањето на денешниот Протокол присуствуваше и амбасадорката на Република Турција во Македонија Тулин Еркал Кара. 

По потпишувањето на Протоколот, директорот на Дирекцијата на државните архиви при Претседателството на Турција Угур Унал и директорот на Државниот архив на Република Северна Македонија Кирил Петров дадоа изјава за медиумите. 

Директорот на Дирекцијата на државните архиви при Претседателството на Турција Угур Унал, истакна дека со протоколите потпишани досега, особено во текот на последните две-три години, направени се значајни чекори во соработката помеѓу двете институции. 

„Оваа територија содржи илјадници, десетици илјади документи од историјата на двата народа. Овие документи се многу важни во откривањето на нашата историја, нашето минато и нашите односи. Ние сакаме, историчарите, научниците, академците од Турција и од Северна Македонија да можат да истражуваат документи за историјата на нивната земја, без да имаат потреба да одат во другата земја. Тој проект е направен со успех. Во последните три години, особено овде, дигитализирани се 133 илјади документи“, нагласи Угур Унал. 

Тој, исто така посочи дека при досегашната соработка помеѓу институциите од двете земји, документи од османлискиот период стари 400-500 години и од Турција и од Северна Македонија префрлени се во дигитална средина, заштитени се и ќе бидат пренесени на идните генерации.

Директорот на Државниот архив на Република Северна Македонија Кирил Петров, истакна дека денес потпишаниот Протокол значи еден поголем стимул за поголемо пријателство и поголема соработка помеѓу двете институции.

„Веруваме дека со помош на г-динот Угур Унал ќе се створи една реална состојба каде ќе можат нашите истражувачи да ги користат документите што се наоѓаат во турските архиви, со што ќе се збогати нашата вистина за историјата на македонскиот народ и за народите кои живеат на ова подрачје“, рече Петров, додавајќи дека во Турција има премногу документи за историјата на Северна Македонија.

Нагласувајќи дека во Северна Македонија нема доволно кадри за превод на староосманлиските документи, Петров рече дека заедно со Министерството за образование подготвуваат проект за остручување на десетина студенти кои ќе се обучат да го читаат староосманлискиот јазик. Тој проект ќе биде предложен до Владата на Северна Македонија.

Првиот Протокол, односно Програма за соработка помеѓу Државниот архив на Република Северна Македонија и Дирекцијата на државните архиви на Република Турција е потпишан во 1990 година. (Anadolu Agency-AA)



Слични вести