Албанија: Владејачката партија го поднесе барањето за разрешување на претседателот Мета

Во барањето што го официјализира почетокот на процедурите за разрешување на Мета, се наведува дека декретот за откажување на изборите е во отворена контрадикција со уставните принципи на една парламентарна република...

1219930
Албанија: Владејачката партија го поднесе барањето за разрешување на претседателот Мета

Социјалистичката партија на Албанија (ПС) до Парламентот на Албанија го поднесе барањето за разрешување на претседателот на државата Илир Мета, по неговата одлука за откажување на локалните избори, пренесува Anadolu Agency (AA).

Генералниот секретар на Социјалистичката партија, Таулант Бала, во изјава за медиумите се осврна на причините за поднесување на ова барање, потврдувајќи дека бараат започнување на процедурите за разрешување, а рече дека Мета го загубил правото за да остане во тoj кабинет со нивна согласност.

Во барањето што го официјализира почетокот на процедурите за разрешување на Мета, се наведува дека декретот за откажување на изборите е во отворена контрадикција со уставните принципи на една парламентарна република, со функционирањето на претседателот предвидено во Уставот, и со функционирањето и нормалното остварување на граѓанскиот суверенитет.

„Откажувањето на 30 јуни како датум за одржување на изборите за органите од локалната власт, и уште потешко, неопределувањето друг датум за одржување на изборите, во суштина го негира правото на суверенот за да биде таков“, се вели во барањето поднесено до Парламентот на Албанија од страна на парламентарната група на Социјалистичката партија.

Парламентот на Албанија пред неколку дена ја ратификуваше резолуцијата против одлуката на претседателот Мета во врска со откажувањето на локалните избори, а преку оваа резолуција се упатува апел до Мета да ја врати институцијата Претседател во границите на надлежностите признаени во Уставот.

Според Уставот на Албанија, претседателот на државата може да биде разрешен за тешко прекршување на Уставот и за вршење тежок криминал, а предлог за негово разрешување во вакви случаи може да дадат најмалку една четвртина од членовите на Парламентот, и треба да биде поддржан од најмалку две третини од сите членови на Парламентот.

Уставот предвидува дека одлуката на Парламентот на Албанија се поднесува до Уставниот суд, кој кога ја потврдува вината на претседателот на државата го прогласува неговото разрешување од функцијата.

Меѓу другото, Уставниот суд на Албанија моментално не е функционален поради процесот на реформите во правосудството и подготовките за избор на свои нови членови.

Потсетуваме, опозициските партии во Албанија, Демократската партија (ПС) и Партијата на социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ) од предавањето на парламентарните мандати во февруари инсистираат на формирање преодна влада и организирање предвремени избори, со одржување неколку протести и бојкот на процесот за локални избори.

По овие настани, претседателот на Албанија, Илир Мета, на 10 јуни ја официјализираше одлуката за укинување на декретот за локални избори, без да декретира нов датум, предизвикувајќи бројни реакции. Мета одлучи да го укине декретот од 5 ноември 2018 година за утврдување на датумот на изборите за органите од локалната власт, и да го откаже 30 јуни 2019 година како датум за одржување на локалните избори.

Оваа одлука, владејачката Социјалистичка партија на Албанија предводена од премиерот, Еди Рама, ја отфрли како неоснована во Уставот, и продолжи со кампањата за локалните избори.



Слични вести