Пендаровски упати честитики по повод празникот Рамазан Бајрам

„Светиот месец Рамазан е месец на дарување, помагање и заедништво и ова ја зајакнува вербата во доброто, правдата и меѓусебното разбирање и почитување. Посакувам овие вредности да бидат наше секојдневие“, истакна Пендаровски во честитката

1213381
Пендаровски упати честитики по повод празникот Рамазан Бајрам

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, упати честитка до граѓаните со исламска вероисповед во Република Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението на кабинетот на претседателот се наведува дека во овие празнични денови на слога, заедништво и почит, сите заедно треба да продолжат кон градење на соживот за сите граѓани и да изградат едно општество за сите, пример за идните генерации.

„Со овој голем празник се означува крајот на едномесечниот пост во кој секој верник искрено го отвора срцето за верата и љубовта. Светиот месец Рамазан е месец на дарување, помагање и заедништво и ова ја зајакнува вербата во доброто, правдата и меѓусебното разбирање и почитување. Посакувам овие вредности да бидат наше секојдневие и сите да имаме спокоен и среќен живот, не само во празничниве денови туку низ целата година“, истакна Пендаровски.

Според ова соопштение, Пендаровски упатил честитка и до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Северна Македонија, Реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи.

„Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки по повод празникот Рамазан Бајрам. Би сакал на овој голем празник да го истакнам придонесот на ИВЗ и нашите сограѓани од исламска вероисповед во градењето на мир и соживот во мултиетничка и мултирелигиозна Република Северна Македонија. Нашата заедничка цел е просперитетна и европска татковина“, се истакнува во соопштението.

Постот за месецот Рамазан за муслиманите заврши, а денес е извршена молитвата по повод големиот празник Рамазан Бајрам, кој се одбележува по месецот на постот. Веднаш по молитвата муслиманите овој празник го прославуваат во кругот на семејството и своите најблиски и пријателите, посетувајќи се меѓусебно.



Слични вести