Скопје: Подароци за децата со посебни потреби за празникот Рамазан бајрам

Исполнети скромните желби на 50 деца со посебни потреби

1212242
Скопје: Подароци за децата со посебни потреби за празникот Рамазан бајрам

По повод празникот Рамазан бајрам, Црвениот крст на град Скопје и учениците од Средното училиште „Цветан Димов“ им доделија подароци на децата со посебни потреби кои го посетуваат Здружението за индивидуална терапија „Сакам виножито“ (Dua Ylberin), јавува Anadolu Agency (AA).

Акцијата е спроведена така што е поставено едно импровизирано дрво на коешто децата ги напишале и закачиле своите желби. Потоа, разни хуманитарци ги зеле ливчињата со напишаните желби и ги купиле напишаните производи.

Сузана Тунева од Црвениот крст рече дека се работи за околу 50 деца со посебни потреби. Таа објасни дека нивните желби биле скромни и биле исполнети за многу кус временски период, истакнувајќи дека малите подароци имаат големо значење за децата.

„Ова е една традиционална активност која ќе продолжиме да ја реализираме во рамките на активностите на Црвениот крст на град Скопје и се надевам дека од година во година, интересот на граѓаните коишто ќе учествуваат во ваквите акции ќе биде сѐ поголем“, рече Тунева.

Таа, исто така им се заблагодари на учениците на Средното училиште „Цветан Димов“ за „големата хуманост и пожртвуваност која ја покажаа“.

Професорката Ајтен Ајдини-Кадриу од Средното училиште „Цветан Димов“ рече дека ова е трета година во која се организира овој настан заедно со Црвениот крст на град Скопје, во соработка со Средното училиште „Цветан Димов“ и Здружението „Сакам виножито“.

„Идејата е да се собереме сите, да бидеме малку похумани, да го покажеме нашето бело срце кое го имаме во нас и да придонесеме колку-толку за една насмевка, да украдеме една насмевка од овие деца кои се тука и да ги израдуваме“, рече Ајдини-Кадриу, додавајќи дека е важно децата да бидат среќни за празникот Рамазан бајрам.

Освен добиените подароци, децата исто така се забавуваа со маскотите на своите херои од цртаните филмови.



Слични вести