Премиерот Зоран Заев: Прашањето за Али-пашината џамија во Охрид ќе го решиме преку дијалог

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев во врска со прашањето за Али-пашината џамија во Охрид истакна дека прашањето ќе се реши преку дијалог

Премиерот Зоран Заев: Прашањето за Али-пашината џамија во Охрид ќе го решиме преку дијалог

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев изрази верување дека преку дијалог може да се изнајде решение за прашањето за Али-пашината џамија во Охрид.

Заев учествуваше на јавната дебата за нацрт-текстот на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија, на која беше побарано од него да коментира за барањата на граѓаните на Охрид за „премиерот да го исполни ветувањето за џамијата“. Заев рече дека заедничко ветување на сите страни било да се седне и низ дијалог да се изнајде решение за овој проблем.

„Охрид е пример на соживот. Охрид е типичен пример на „едно општество за сите“, за кое денеска зборуваме овде преку Националната стратегија. Верувам дека низ дијалог ќе изнајдеме решение. Оти само низ дијалог е возможно да се решат проблемите коишто некогаш се појавуваат поради одредена потреба на одредени заедници, одредени групи во општеството“, нагласи Заев.

Премиерот на Северна Македонија рече дека прашањето за Али-пашината џамија во Охрид е типичен пример на верска потреба којашто се појавува кај одредена група граѓани. Според него, ќе продолжат да разговараат, а институциите на земјата мора да се почитуваат.

Вчера, граѓаните на Охрид, организирани од страна на здружението „Совест“, протестираа против изградбата на минарето на Али-пашината џамија во Охрид, истакнувајќи дека премиерот Заев им ветил решение за проблемот.

Во врска со статусот на одредени верски објекти во земјата, вклучувајќи ја и Али-пашината џамија, Исламската верска заедница на Северна Македнија пред извесно време писмено се обрати до Владата на Северна Македонија, нагласувајќи дека за објектот постои адекватна и валидна документација за изградба со фондови обезбедени од странска донација која тешко се употребува поради бирократскиот став на надлежните државни институции.

Реставрацијата на Али-пашината џамија е финансирана од Генералната дирекција на вакафи на Република Турција. (Anadolu Agency-AA)

 



Слични вести