Новиот претседател на Северна Македонија Стево Пендаровски положи заклетва и ја презеде должноста

Свечената седница за инаугурација на новиот претседател на Република Северна Македонија Стево Пендаровски се одржа во Собранието со што и официјално започна неговиот петгодишен мандат

Новиот претседател на Северна Македонија Стево Пендаровски положи заклетва и ја презеде должноста

Новиот претседател на Република Северна Македонија Стево Пендаровски положи заклетва и официјално ја презеде должноста.

Во Собранието на Република Северна Македонија се одржа свечена седница за инаугурација на новиот претседател на државата Стево Пендаровски, со што и официјално започна неговиот петгодишен мандат.

На церемонијата освен поранешните претседатели Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски присуствуваа и голем број поканети странски гости меѓу кои и заменик министерот за надворешни работи Фарук Кајмакчи кој го претставуваше претседателот Реџеп Тајјип Ердоган, претседателот на Албанија Илир Мета, претседателот на Косово Хашим Тачи, претседателот на Бугарија Румен Радев, претседателот на Србија Александар Вучиќ, грчкиот министер за надворешни работи Георгиос Катругалос, црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ, заменикот министер за надворешни работи на Полска, претставникот на Кабинетот на претседателот на Словенија Макиј Ланг, како и дипломати и бројни претставници на Владата на Северна Македонија

Пендаровски даде свечена заклетва и одржа говор  во кој вети дека ќе биде претседател на сите граѓани, без оглед дали гласале за него на претседателските избори.

Велејќи дека првата работа што ќе ја направи ќе биде да и подаде рака на опозицијата, Пендаровски нагласи дека неговата земја ќе остане максимално посветена на ервоатлантските интеграции.

По свечената изјава и обраќањето на Пендаровски, се одржа свечен прием и коктел во просториите на Собранието на Република Северна Македонија.

Подоцна, во Кабинетот на претседателот во вилата „Водно“ се одржа свечената церемонија на примо-предавање на функцијата со највисоки воени и државни почести.

Стево Пендаровски во вториот круг од претседателските избори што се одржа на 5 мај освои 51,66 отсто од гласовите на македонските бирачи и беше избран за петти претседател на Северна Македонија.

Пред него претседателската функција ја извршуваа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.

Кој е Стево Пендаровски

Пендаровски е роден во 1963 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за правни науки при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, а магистерските и докторските студии ги завршува на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при УКИМ.

Во изминатите 11 години беше професор на Американскиот колеџ во Скопје, каде предаваше повеќе предмети од областа на меѓународната безбедност и меѓународните односи.

Пендаровски досега има извршувано бројни политички и државни функции. Од 1998 година до 2001 година, тој беше началник на Управата за аналитика и истражување при Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството. Во периодот 2001-2004, Пендаровски беше советник за национална безбедност на Борис Трајковски, тогашниот претседател на Северна Македонија.

Од 2004 до 2005 година, тој ја вршеше функцијата претседател на Државната изборна комисија (ДИК), а во 2005-2009 година беше советник за надворешна политика на тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Во 2014 година беше кандидат за претседател, поддржан од СДСМ, но беше поразен од Ѓорге Иванов, досегашниот претседател на државата.

Од 2016 до 2017 година, Пендаровски беше пратеник во Собранието. Од ноември 2017 година, тој ја вршеше и функцијата национален координатор за подготовка на Република Северна Македонија за членство во НАТО. (Anadolu Agency-AA)

 



Слични вести