Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Северна Македонија претставен пред медиумите

На одржана заедничка прес-конференција беа објаснети причините зошто младите треба да студираат на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), „на најдобриот универзитет во Северна Македонија, со можностите и амбиентот што ги нуди“

Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Северна Македонија претставен пред медиумите

Управниот одбор на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), на вчерашната средба со новинарите ги презентираше активностите, образовните капацитети на кампусот и причините зошто треба да се студира на Универзитетот.

Претседателот на Управниот одбор (УО) на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) Ајдован Адемовски, заменик-претседателот на УО Есер Џевахир и членот на Управниот одбор Имер Селмани, на заедничка прес-конференција ги наведоа причините зошто младите треба да студираат, како што рекоа тие „на најдобриот универзитет во Северна Македонија, со можностите и амбиентот што ги нуди“. 

Претседателот на Управниот одбор на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) Ајдован Адемовски, на презентацијата истакна дека мисијата на Универзитетот е да го подигне образовното ниво во регионот и да го направи поконкурентен пазарот на трудот. 

„Меѓународниот балкански универзитет е фондација којашто е основана пред 11 години. Фондацијата е основана со цел да го развиеме образовниот систем меѓународно и да ја развиеме соработката меѓу Република Турција и Република Северна Македонија“, нагласи Адемовски. 

Подетални информации за можностите на Универзитетот даде Имер Селмани, член на Управниот одбор, кој наведе дека основната цел и основната намена на Универзитетот со сите факултети е на младите, без разлика од каде доаѓаат, да им се овозможи висококвалитетно образование. 

„Нашите студенти, нашите деца тука ги спремаме да бидат спремни и подготвени за 21 век, меѓутоа глобално, а не локално само за нашата држава. Денеска можеме да се гордееме со инфраструктурата којашто им ја нудиме на располагање на нашите студенти“, рече Селмани, нагласувајќи дека на Универзитетот има прекрасен, позитивен амбиент и дека котираат на највисоко ниво во однос на другите универзитети во Северна Македонија. 

Заменик-претседателот на УО Есер Џевахир, наведе дека нивната цел не е само да нудат образование на младите генерации, туку прават напори Универзитетот да биде олицетворение на Република Северна Македонија во делот на образованието и науката во светски рамки. 

Универзитетот е формиран пред 11 години и располага со 7 факултета. Наставата се одвива на англиски јазик.

Според Шангајската листа, Универзитетот е најдобар во Северна Македонија во областа на наставата и учењето и поседува двојна акредитација, од Северна Македонија и Турција.

На Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во моментот студираат повеќе од 2000 студенти. Досега има доделено повеќе од 1000 стипендии. (Anadolu Agency-AA).



Слични вести