Македонско-турската стопанска комора (МАТТО) приреди ифтар во Скопје

На ифтарот учествуваа премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, министри, пратеници, бизнисмени и познати личности од јавниот живот и други поканети гости

Македонско-турската стопанска комора (МАТТО) приреди ифтар во Скопје

Македонско-турската стопанска комора (МАТТО) синоќа во Скопје организираше ифтар на кој присуствуваа претставници на државниот врв, како и бројни личности од јавниот живот.

На вечерашниот ифтар присуствуваше премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери, вицепремиерот во Владата на Северна Македонија задолжен за европски интеграции Бујар Османи, вицепремиерот на Северна Македонија задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, пратеници во Собранието на Северна Македонија, претседателот на МАТТО Ајдован Адемовски, како и претставници на турските организации и институции во оваа земја.

Во своето обраќање за време на ифтарската програма премиерот Зоран Заев рече дека рамазанските пости се период кога семејствата се собираат пријателите се дружат и се посветуваат на саморефлексија и размислување, додавајќи дека му претставува посебна чест што е поканет на вечерашниот ифтар, кога се исполнуваат светите должности.

„Должности кои повикуваат на молитва за меѓусебно почитување, за залагање за правда, за напредок, за толеранција и достоинство на сите луѓе. Постот е одрекување од земните и сетилните задоволства што е заедничка вредност на многу вери – вклучувајќи ја и мојата христијанска вера", рече Заев.

„Со секој ифтар за време на рамазанскиот пост се стекнуваме со можност да ја охрабруваме и негуваме нашата заедница, Република Северна Македонија, како една држава, едно семејство на различни вери, кои меѓу себе живеат сложно и ја продолжуваат традицијата што како аманет ни ја оставија нашите претходни генерации", истакна Заев.

Додаде дека Владата на Република Северна Македонија негува партнерски, но и пријателски однос со сите претставници на Стопанската комора МАТТО.

„Ова е уште една прилика да ги потврдиме и да ги реафирмираме силните билатерални односни со Република Турција. Држава која е голем пријател на Република Северна Македонија и со која негуваме традиционално пријателство. Овие односи и пријателство постојано растат. Само во периодот јануари – февруари 2019 во споредба со истиот период во 2018 година со Република Турција имаме зголемување на обемот на трговската размена", потенцираше премиерот Заев.

Ајдован Адемовски, претседателот на Македонско-турската стопанска комора (МАТТО), ги поздрави сите присутни гости и го изрази своето задоволство поради нивното присуство.

Тој рече дека ги повикува сите бизнисмени во МАТТО да му помогнат на премиерот Заев и на Владата, со цел да направат држава во која сите ќе живеат подобро и посреќно.

Адемовски информираше и дека МАТТО е основана пред 13 години, како и дека во неа членуваат преку 100 компании кои вработувааат помеѓу 5 -10 илјади вработени. Според Адемовски со помош на оваа трговска комора до денес во Северна Македонија се дојдени инвестиции во висина од околу 2 милијарди долари, а трговската размена меѓу Северна Македонија и Турција изнесува околу милијарда долари, со тенденција за зголемување на оваа бројка. (Anadolu Agency-AA)



Слични вести