Пендаровски: „Ќе бидам претседател на сите“

Стево Педаровски нов претседател на Република Северна Македонија

Пендаровски: „Ќе бидам претседател на сите“

Според податоците од официјалната интернет страница на Државната изборна комисија (ДИК) победи кандидатот за претседател на Република Северна Македонија, поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката коалиција, Стево Педаровски, со освоени 51,66 отсто од вкупниот број гласови, а неговата противкандидатка Гордана Силјановска - Давкова, освои 44,73 отсто од вкупниот број гласови, јавува Anadolu Agency (AA).

Податоците на ДИК покажуваат дека Пендаровски освоил 436.212 гласови, а Силјановска-Давкова 377.713, додека 30.442 (3,61 отсто) се неважечки гласови.

Како што објави ДИК, излезноста на денешните избори, според досегашните резултати изнесува 46,70 отсто, односно своето право на глас го искористиле 844.365 граѓани.

Премиерот на Република Северна Македонија и претседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Зоран Заев, во своето обраќање пред медиумите во седиштето на СДСМ, истакна дека денешните избори беа успешни и демократски.

„Исходот од денешните избори е потврда дека растеме уште повеќе, дека донесовме одговорна одлука и заслужуваме да одиме напред. Нашето место е во НАТО, нашето место е во Европската Унија“, истакна Заев.

Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и владејачката коалиција, Стево Пендаровски, им се заблагодари на сите граѓани од различните етнички заедници кои живеат во земјата, кои, како што рече, на кристално чисти, фер, демократски и европски избори, европски одлучиле да продолжат заедно напред.

„Драги пријатели, наголема благодарност до граѓанките и граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други кои ми ја доверија честа, одговорноста и обврската да бидам претседател на сите. Ќе бидам претседател на сите", рече Пендаровски.

На 3.480 избирачки места во земјава и на 32 во странство на шестите претседателски избори можеа да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список. Гласачките места беа отворени во 7:00 часот, а затворени во 19:00 часот.

Првиот круг од претседателските избори се одржа на 21 април, кога освен Пендаровски и Силјановска-Давкова, како претседателски кандидат учествуваше и Блерим Река, поддржан од опозициските партии од албанскиот блок, Алијанса за Албанците и Движењето Беса, но како третопласиран според добените гласови, немаше право да учествува во вториот круг.

Од независноста на државата, ова се шести претседателски избори.

Заедно со вториот круг на претседателските избори денеска се одржа и вториот круг од предвремените локални избори за градоначалници на Охрид и на Ново Село.

Во Охрид победи Константин Ѓорѓиевски, кандидат на СДСМ, а во Ново Село победи Никола Андонов, исто така, кандидат на СДСМ.

Избори беа распишани и во Дебар, но таму градоначалник беше избран во првиот круг, кога победи Хекуран Дука од Демократската унија за интеграција (ДУИ).



Слични вести