Граѓаните на Северна Македонија денеска гласаат на вториот круг од претседателските избори

Трката во вториот круг од претседателските избори во Северна Македонија се води помеѓу двајцата кандидати со најмногу освоени гласови во првиот круг, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова

Граѓаните на Северна Македонија денеска гласаат на вториот круг од претседателските избори

Денеска граѓаните на Република Северна Македонија гласаат на вториот круг од претседателските избори.

Право на глас имаат 1 милион 808 илјади 131 граѓанин, од кои денеска можат да гласаат 1 милион 726 илјади 696 граѓани, а останатите (затворениците, раселените и немоќните лица) се наоѓаат на посебен избирачки список, и своето право на глас можеа да го искористат во текот на вчерашниот ден.

Избирачките места во Северна Македонија беа отворени утрово во 07:00 часот по локално време, со што започна вториот круг од гласањето за избор на претседател на државата. 

Избирачките места ќе бидат отворени до 19:00 часот до кога македонските бирачи ќе можат да гласаат.

На вториот круг од претседателските избори се гласа во 3.480 избирачки места во 80 општини и Град Скопје, како и во 32 избирачки места во странство.

На изборите за избор на петтиот по ред претседател на државата се натпреваруваат двајцата кандидати кои на првиот круг освоија најмногу гласови, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.

Така според официјалните резултати во првиот круг од претседателските избори кои се одржаа на 21 април, Стево Пендаровски  подржан од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) и предводен од актуелната владина коалиција освои 42,81 отсто од гласовите, а Гордана Силјановска-Давкова поддржана од коалицијата предводена од главната опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ доби 42,25 отсто од гласовите на бирачите.

Процентот на освоени гласови на кандидатот од албанско потекло Блерим Река пак, подржан од опозициските албански партии Алијанса на Албанците и Движењето БЕСА изнесуваше 10,60 отсто.

Мандатот на актуелниот претседател на државата Ѓорге Иванов истекува на 12 мај. 



Слични вести