23 април Празникот на детето одбележан во Скопје

Вршителот на должност претседател на Културно-уметничкото друштво „Јени Јол“ од Скопје Халил Абдула истакна дека манифестацијата по повод 23 април Празникот на детето, оваа година се одржува по трет пат

1188600
23 април Празникот на детето одбележан во Скопје
Kuzey Makedonya 23 nisan çocuklar etkinlikler 1.jpg
Kuzey Makedonya 23 nisan çocuklar etkinlikler 2.jpg
Kuzey Makedonya 23 nisan çocuklar etkinlikler 3.1.jpg

Во организација на Културно-уметничкото друштво „Јени Јол“ од Скопје, и со поддршка на компанијата ТАВ Македонија, денес се одржа манифестација по повод националниот празник на Турција, 23 април - Денот на националниот суверенитет и Празник на детето.

Учениците од турската, македонската, албанската, бошњачката и ромската етничка заедница, почнувајќи од Основното училиште „Тефејуз“, во придружба на оркестар од народни инструменти, продефилираа низ Турската чаршија и пристигнаа до плоштадот „Филип Втори“, каде што се одржа забава за најмладите.

Вршителот на должност претседател на Културно-уметничкото друштво „Јени Јол“ од Скопје, Халил Абдула, во изјавата за АА истакна дека манифестацијата оваа година се одржува по третпат, и дека оваа година по повод 23 април - Празникот на детето, одлучиле да организираат дефиле и забава за децата на отворен простор. 

Упатувајќи ја пораката од Скопје за сите деца во светот, Халил Абдула нагласи дека сите деца во светот имаат право да живеат во мир и да бидат среќни. 

„Децата се деца, каде и да се наоѓаат во светот, затоа нивно право е да живеат во мир и среќно. Ова, всушност, денеска за сите нас значи едно дружење, да направиме нешто заедно, и ако успеавме да придонесеме децата да бидат среќни, и ние сме горди“, истакна Халил Абдула. 

Дождливото облачно време денеска во Скопје не успеа да ја расипе забавата на децата на плоштадот „Филип Втори“. Децата облечени во разни носии кои припаѓаат на различните етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија, со игри, музика и со танци се радуваа и се забавуваа по повод националниот празник на Турција, 23 април - Денот на националниот суверенитет и Празник на детето. 

На манифестацијата, покрај Културно-уметничкото друштво „Јени Јол“ од Скопје, учествуваа ансамблот „Лилјан и Емин Дураку“ од Скопје, ученици од основните училишта „Тефејуз“, „Петар Здравковски - Пенко“, „Јашар Беј“, „26 Јули“ од општина Шуто Оризари, „Мустафа Кемал Ататурк“ од Долно Количани и „Јосип Броз Тито“ од Валандово. 

Во Турција денеска се одбележува националниот празник Денот на националниот суверенитет и Празник на детето, а воедно и 99 години од основањето на Големото Народно Собрание на Република Турција. (Anadolu Agency-AA)

 



Слични вести