Денеска граѓаните на Северна Македонија гласаат за нов претседател на државата

Кандидати се Стево Пендаровски од СДСМ и владејачката коалиција, Гордана Силјановска-Давкова од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и Блерим Река од опозициските политички партии од албанскиот блок, Алијансата на Албанците и Движењето Беса

1187239
Денеска граѓаните на Северна Македонија гласаат за нов претседател на државата

Утрово во 7:00 часот се отворени избирачките места низ Северна Македонија, со што започна првиот круг од гласањето за избор на претседател на оваа држава.

Избирачките места ќе бидат отворени до 19:00 часот.

На претседателските избори се гласа на 3.480 избирачки места во 80 општини и Град Скопје и на 32 избирачки места во странство.

Право на глас имаат 1.808.131 граѓанин, од кои денеска можат да гласаат 1.726.696 граѓани, а останатите (затворениците, раселените и немоќните лица) се наоѓаат на посебен избирачки список, и своето право на глас можеа да го искористат во текот на вчерашниот ден.

Кандидати за претседател на Северна Македонија се Стево Пендаровски, поддржан од Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката коалиција, Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Блерим Река, поддржан од опозициските политички партии од албанскиот блок, Алијансата на Албанците и Движењето Беса. Сите тројца се универзитетски професори.

Истовремено, освен првиот круг од претседателските избори, граѓаните на Охрид, Дебар и Ново Село ќе избираат градоначалник.

Според македонските закони, кандидатот за претседател може да победи во првиот круг, доколку освои над 50% од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список. Во спротивен случај, ќе се одржи втор круг во кој ќе се натпреваруваат двајцата првопласирани кандидати од првиот круг. Излезноста на изборите треба да изнесува минимум 40% од вкупниот број регистрирани гласачи, за гласањето да се смета за важечко.

Според Уставот, претседателскиот кандидат треба да има над 40 години и да биде жител на државата најмалку 10 од последните 15 години. Еден мандат на претседателот трае 5 години.

Вториот круг од изборите е закажан за две недели, на 5 мај.

Од независноста на државата, ова се шести претседателски избори. (Anadolu Agency-AA)



Слични вести