Северна Македонија во пресрет на шестите претседателски избори

Првоот изборен круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај

Северна Македонија во пресрет на шестите претседателски избори

Со започнувањето на кампањата за претседателските избори во Република Северна Македонија, овој месец, започна и трката за избор на претседател на оваа земја, чиј прв изборен круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај оваа година, пишува Anadolu Agency (AA).

Кандидати на овие претседателски избори се Стево Пендаровски, Гордана Давкова-Силјановска и Блерим Река. Сите тројца се универзитетски професори.

Пендаровски е кандидат на владејачката коалиција (Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Демократска унија за интеграција (ДУИ), Партија АлтернАтивА и други триесетина партии), Силјановска-Давкова е претседателски кандидат кој е поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а зад кандидатурата на Река застанаа опозициските политички партии од албанскиот блок, Алијансата на Албанците и Движењето Беса.

- Стево Пендаровски

Пендаровски е роден во 1963 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје (УКИМ), а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при УКИМ.

Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“, Скопје, каде што предавал различни предмети од областа на меѓународната безбедност и меѓународните односи.

Пендаровски досега извршувал бројни политички и државнички функции. Бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството. Од 2001 до 2004 беше советник за национална безбедност на Борис Трајковски, тогашниот претседател на Република Македонија.

Од 2004 до 2005 година ја извршуваше функцијата претседател на Државната изборна комисија, а од 2005 до 2009 година беше советник за надворешна политика на тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски. Во 2014 година беше кандидат за претседател на државата, поддржан од СДСМ, но беше поразен од неговиот противкандидат Ѓорѓе Иванов, актуелниот претседател на државата.

Од 2016 до 2017 година Пендаровски беше пратеник во Собранието. Од ноември 2017 година Пендаровски ја извршува функцијата национален координатор за подготовка на Република Северна Македонија за членство во НАТО.

„Заедно напред“ е слоганот на неговата кампања во која Пендаровски зборува за вредностите на мултиетничкото општество. Во своите настапи пред граѓаните за време на предизборната кампања Пендаровски се фокусира на бенефитите од членството на земјата во ЕУ и во НАТО, а исто така истакнува дека го поддржува Преспанскиот договор, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу Македонија и Грција, со кој земјата го смени своето уставно име во Република Северна Македонија.

- Гордана Силјановска-Давкова

Експертот за уставно право и професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Гордана Силјановска-Давкова, е родена 1955 во Охрид. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје, каде што и магистрирала. Докторирала на Правниот факултет во Љубљана во 1994 година. Од 2004 година е редовен професор на Правниот факултет во Скопје при УКИМ, каде што предава Уставно право и Политички систем.

Таа била член на Уставната комисија на Собранието и министер без ресор од 1992 до 1994 година. Била експерт за избори на Обединетите нации и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Исто така, била и член на Венецијанската комисија.

Автор е на бројни научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

„Правда за Македонија - Татковината повикува“ и „Жена за претседател“ се слоганите на предизборната кампања на Давкова-Силјановска, во рамките на која таа ја бара довербата од граѓаните. Според неа, потребна е поголема проактивност во вршење на функцијата претседател на државата. 

Во своите настапи пред јавноста, Давкова-Силјановска истакнува дека е за владеење на правото, како и дека законите треба да бидат во рамките на Уставот за да бидат добри.

Според неа, Преспанскиот договор е асиметричен, смета дека решението на овој договор е неодржливо, но напоменува и дека новото име на државата - Република Северна Македонија, не само што е реален, туку и правен факт. Сепак, истакнува и дека доколку биде избрана за претседател нема да избегнува потпишување на законите поради новото име на државата.

- Блерим Река

Претседателскиот кандидат поддржан од Алијансата на Албанците и Движењето Беса, Блерим Река, е роден 1960 година во Скопје. Тој е универзитетски професор по меѓународно право и поранешен амбасадор во Брисел.

Река дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Приштина, Косово. Таму и магистрирал, а докторирал на истиот Универзитет и на Универзитетот во Грац, Австрија.

Од 2006 до 2010 е амбасадор на Мисијата на Република Македонија при Европската Унија. На оваа позиција останува четири години исполнувајќи го цел мандат. Потоа се враќа во академските води. Река бил декан на Факултетот за јавна администрација при Универзитетот на Југоисточна Европа, како и проректор на истиот Универзитет.

Река е учесник на бројни меѓународни научни конференции, а исто така е автор на бројни публикации поврзани со правото.

Според неговите зборови, една од причините поради кои се одлучил да влезе во претседателската трка е „само со македонски кандидати – без ниту еден Албанец – ова мултиетничко општество ризикува да скрене во моноетничка држава, а Албанците да бидат само гласачи, но не и гласани“.

„Река за Република“ е слоганот со кој Река ја претставува својата претседателска програма пред граѓаните. Неговиот концепт со кој ќе ја побара поддршката од граѓаните на претстојните претседателски избори е „владеење на правото, наместо владеење на поединецот“.

„Нудиме концепт за враќање на републиканизмот на Републиката. Ние сме за евроатлантска и мултиетничка република“, истакнува Река.

- Закони

Според македонските закони, кандидатот за претседател може да победи во првиот круг доколку освои над 50 % од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список. Во спротивен случај, ќе се одржи втор круг во кој ќе се натпреваруваат двајцата првопласирани кандидати од првиот круг. Излезноста на изборите треба да изнесува минимум 40 % од вкупниот број регистирани гласачи, за гласањето да се смета за важечко. 

Според Уставот, претседателскиот кандидат треба да има над 40 години и да биде жител на државата најмалку 10 од последните 15 години. Еден мандат на претседателот трае 5 години.

- Шести претседателски избори

Овие избори се шести претседателски избори во Северна Македонија.

По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, на 25 јануари 1991 година, Глигоров бил избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија на 27 јануари 1991 година. На општите претседателски избори со мнозинство гласови повторно бил избран за претседател на Републиката, на 16 октомври 1994 година. 

Во 1999 година, по вторите претседателски избори, на местото на Глигоров дојде Борис Трајковски, а на третите непосредни претседателски избори во 2004 година, за претседател беше избран Бранко Црвенковски. На претседателски изборите во 2009 и во 2014 година победник беше Ѓорѓе Иванов, кој сè уште е актуелен претседател на државата. 

Иванов нема право да се кандидира, поради уставното ограничување од најмногу два претседателски мандати.

Според Државната изборна комисија (ДИК), за избор на нов претседател право на глас ќе имаат 1.808.131 гласач. На денот на изборите, според податоците на ДИК, право на глас имаат 1.726.696 граѓани, а останатите се наоѓаат на посебен избирачки список и ќе гласаат ден претходно.

Гласањето ќе го спроведуваат 80 општински изборни комисии, на 3.480 избирачки места.

На 21 април ќе биде одржан првиот круг на гласање, а истовремено граѓаните на Охрид, Дебар и Ново Село ќе избираат градоначалник.



Слични вести