Министерот Хасан престојуваше во посета на Турција

Најмногу внимание се посвети на ратификувањето на Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО

Министерот Хасан престојуваше во посета на Турција

Министерот без ресор во Владата на Северна Македонија задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, престојуваше во работна посета на Турција каде што реализира средби со бројни турски министри и со други функционери, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според соопштението на Кабинетот на министерот, Хасан во Турција се сретнал со министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, министерката за трговија, Рухсар Пехџан и министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк.

Во соопшението се вели дека на средбите на министерот Хасан со турските функционери се разговарало за актуелните политички и општествени случувања во двете земји, пријателските односи меѓу нив, кои, како што се наведува, секогаш биле одлични, како и унапредувањето на заемната соработка.

„Најмногу внимание се посвети на ратификувањето на Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО. Република Турција секогаш била најсилен сојузник во борбата за влез на нашата држава во ЕУ и НАТО и најголема поддршка Северна Македонија добивала токму од Турција. И покрај тоа што Република Турција е еден од најголемите инвеститори во нашава држава, се констатираше дека сточарството, текстилот и технологијата се области кои се од интерес за нови инвеститори. Разгледана беше опцијата на извоз на јагнешко месо, кое е споменато и претходно. Министерот Хасан ги презентираше тековните услови за инвестирање, потенцијалните проблеми и нивните решенија“, се наведува во ова соопшение.

„Министерот Хасан во текот на својот престој во Република Турција оствари средба и со ТИКА, која е агенција која реализира успешни проекти кај нас. Исто така, министерот ја посети Дирекцијата за турската дијаспора и сродните заедници (ЈТБ), која им овозможува стипендии на млади од целиот свет, вклучувајќи ги и младите од Република Северна Македонија“, се додава во соопштението.

Се истакнува дека ваквите средби ги зајакнуваат односите и ја потврдуваат заемната поддршка и почит на двете држави, како и развојот на економската соработка која е секогаш во интерес на граѓаните од двете земји.



Слични вести