Грчкиот премиер Алексис Ципрас во историска посета на Северна Македонија

„Посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Република Северна Македонија е историска одредница и претставува историски чекор напред за Балканот и за Европа,“ - порачаа премиерите на двете земји, Заев и Ципрас на одржаната заедничка прерс конференција

1176028
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во историска посета на Северна Македонија
Tsipras Kuzey Makedonya ziyareti.jpg
Tsipras.jpg
Aleksis Cipras- Zoran Zaev.jpg
Yunanistan Başbakanı Çipras Kuzey Makedonya ziyareti.jpg

Грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера допатува во официјална посета на Република Северна Македонија, каде што пред Владата беше пречекан од страна на премиерот Зоран Заев и од владината делегација.

По средбата на делегациите на двете земји, двајцата премиери Заев и Ципрас одржаа заедничка прес конференција.

„Посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Република Северна Македонија е историска одредница и претставува историски чекор напред за Балканот и за Европа,“ - порачаа на заедничката прес конференција премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Премерот на Република Северна Македонија Зоран Заев истакна дека неговата земја за првпат во својата историја е домаќин на официјална посета на еден грчки премиер.

Заев рече дека од 17 јуни минатата година, кога двете земји го потпишаа историскиот Договор од Преспа, пишуваат историја во неколку наврати. 

„Грција беше првата земја што го потпиша Протоколот за пристапување на Северна Македонија за членство во НАТО, нашиот стратешки стремеж. Деновиве мојот и нашиот пријател Алексис упати повик до ЕУ да започне преговори за членство со нашата држава. Тој упати повик до ЕУ да ја искористи шансата да ги порази силите на назадувањето, национализмот и за победа на политиката на напредок, мир и пријателство на народите,“ - истакна Заев.

Според него, со имплементацијата на Договорот од Преспа ќе бидат изградени пријателството меѓу двете земји и двата народа. 

„Самиот Договор со неговата имплементација до стопроцентно ќе го изгради искреното пријателство помеѓу двете земји и двата народа“, изјави Заев, додавајќи дека придобивки од Преспанскиот договор имаат граѓаните на двете земји. 

Заев рече дека во прилог на тоа говори фактот што за 20,7 проценти е порасната трговијата меѓу двете земји и дека се блиску до една милијарда евра трговска размена.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на прес конференцијата истакна дека денеска Грција и Северна Македонија потпишуваат Меморандум за разбирање за унапредување на претпристапните и пристапните процеси на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).

„Мојата посета денеска тука е прва официјална посета на грчки премиер во вашата земја. Изгубивме многу време, изгубивме три децении, мораме да ги преминеме овие јазови, да ги премостиме“, рече Ципрас.

Тој додаде дека се обидуваат да изградат поинаков наратив за Балканот.

„Се обидуваме да изградиме нов наратив, наратив на соработка, заемно разбирање и заеднички раст. Затоа цврсто сум убеден дека успехот на овие напори и на овие потфати нема да биде успех само на Грција и на Северна Македонија, туку дека тоа ќе биде успех за целиот Балкан и за Европа“, потенцираше грчкиот премиер.

Ципрас додаде дека Акциониот план помеѓу владите на Грција и Северна Македонија ги покрива сите сектори на соработка на двете држави, а воедно информираше дека со премиерот Заев и владините делегации на двете земји разговарале и за бројните регионални иницијативи за соработка, кои ги оцени како позитивни за развојот на регионот.

Отворање нов граничен премин

Грчкиот премиер Алексис Ципрас информираше дека со Владата на Северна Македонија е потпишан Меморандум за разбирање за отворање нов граничен премин по оној во Преспа, односно за граничен премин Промахој-Мајден, што според него ќе ја зацврсти соработката во поглед на туризмот, трговијата и комуникацијата на двата народа.

Ципрас рече дека со Владата на Северна Македонија разговарале за унапредување на соработката во сите важни сфери, меѓу кои се економијата, трговијата, инфраструктурата, здравството, образованието, одбраната, енергетскиот сектор и кибербезбедноста.

„Интересот на велесилите за регионот треба да се искористи“

Во полето на одбраната, Ципрас рече дека министерствата на двете земји имаат потпишано договор, што претставува доказ за волјата на Грција да помогне во градењето на одбранбените можности и способности на Северна Македонија, да пренесе вештини и знаења и да ја зацврсти интероперабилноста во структурите на НАТО. 

„Оваа соработка е навистина важна затоа што опфаќа повеќе сектори, обуката, одбранбената индустрија, кибер одбраната, военото разузнавање, како и таканаречената воздухопловна политика која што претставува надзор над воздушниот простор на Северна Македонија, од страна на грчката авијација,“ - истакна Ципрас.

Запрашан во однос на тоашто мисли за интересот на велесилите за регионот на Балканот, Ципрас рече: „Фактот дека има многу интерес за регионот треба да се искористи, но сите сили кои се заинтересирани за регионот мора да разберат дека луѓето на овој регион, на двете земји, имаат своја улога во одредувањето на иднината на своите земји.“

По одржаната заедничка прес-конференција грчкиот премиер Алексис Ципрас се состана и со претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери. 

Во попладневите часови пак, се одржа бизнис форум помеѓу претприемачите од Северна Македонија и Грција на кој обраќање имаа двајцата премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев.

 

 



Слични вести